– Гласот на опозицијата мора да се слушне, оти нема друг начин за да го претставам гласачот кој ме избрал за народен пратеник, а тоа за мене претставува голема одговорност. Токму затоа и одлучив да ја повлечам мојата оставка – вели за „Вечер“ пратеничката од СДСМ, Љубица Буралиева, која влезе во Собрание. Таа ги отфрли шпекулациите кои се појавија во јавноста дека преминува во друга партија. Потврдува дека сѐ уште е член на СДСМ.
– Сѐ уште ги немам прекинато релациите со мојата матична партија. Нема ни најава дека ќе бидам исклучена. А, доколку се случи и тоа, јас ќе бидам самостоен пратеник, но и понатаму ќе бидам опозиционер. Не ги менувам ставовите со кои се најдов на листата на пратеници и влегов во законодавниот дом – вели Буралиева и додава дека освен на комисиите, ќе ја видиме и на пленарните седници. Таа е член на комисиите за култура и за локална самоуправа, како и заменик-член во комисиите за здравство и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Солза Грчева, пак, е член на комисиите за европски прашања и за образование, наука и спорт, како и заменик-член во комисиите за надворешна политика и за труд и социјална политика.
Ако останатите опозициски пратеници одлучат да се вратат во Собранието, исто така, ќе имаат можност да бидат членови и заменик-членови во по две собраниски комисии во согласност со нивните афинитети и оценки каде би можеле да дадат најголем придонес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.