| четврток, 6 декември 2018 |

Обама бара сите докази за авионската несреќа да останат во Украина, денеска итна седница на Советот на ОН

rt_malaysia_plane_3_kb_140717_4x3_992

Американскиот претседател, Барак Обама, во телефонски разговор со украинскиот претседател Петро Порошенко и со малезискиот премиер Наџиб Разак истакнал дека сите докази за падот на патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ во источниот дел на Укрина, контролиран од проруските сили, треба да останат во Украина и да бидат прегледани од истражни органи.

Обама и Порошенко нагласиле дека сите докази од местото на несреќата мора да останат каде што се најдени, на територија на Украина, додека меѓународните истражни органи не ја завршат истрагата на сите аспекти од трагедијата, соопшти Белата куќа.

Претседателот Порошенко ја поздрави помошта на меѓународните истражни органи што ќе гарантираат истрагата на местото на несреќата да биде детална и транспарентна, а претседателот Обама изрази уверување дека американски експерти ќе пружат итна помош на украинските власти, се наведува во соопштението.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Кун, пак, синоќа изјави дека постои очигледна потреба за целосна и транспарентна меѓународна истрага за падот на малезискиот авион со 298 патници и членови на екипажот во источниот дел на Украина.

За денеска е закажана итна седница на Советот за безбедност на ОН, што ќе почне во 10 часот по локално време, односно 16 часот по средноевропско време.

Велика Британија, која побара одржување на итна седница на Советот за безбедност, исто така, побара да биде спроведена истрага под надзор на ОН.

Генералниот секретар на ОН изрази длабоко сочувство со семејствата на загинатите и до малезискиот народ.

Во авионот на „Малезија ерлајнс“, кој се урна во источниот дел на Украина, околу 60 километри од границата со Русија, се наоѓале вкупно 298 лица, од кои 154 државјани на Холандија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top