
Мексиканската полиција интервенираше за да спаси повеќе од 450 деца од еден детски дом во градот Замора за кои се верува дека биле жртви на сексуално насилство. Гувернерот на мексиканската сојузна држава Мичоакан, Салвадор Хара, и јавниот обвинител Хесус Муриљо на заедничка прес-конференција соопштија дека децата биле сексуално заведувани и обесчестувани, како и дека биле присилувани да питаат по улиците.
Сопственичката на домот, Роса дел Кармен Вердуско, како и осуммина други лица вработени во домот се уапсени и задржани во притвор. Во Куќата на големото семејство”, како што официјално се нарекува овој дом за деца, имало 278 момчиња и 174 девојчиња, меѓу кои шест на возраст од само три години. Ова е досега најтешкиот инцидент со сексуално насилство врз деца и малолетници во Мексико.
Домот што локалното население популарно го нарекува „Домот на мама Роса” постои повеќе од 40 години, па откритието на властите за состојбите што таму владееле предизвика шок во мексиканската јавност.
Полицијата интервенирала откако родителите на децата почнале да се жалат дека не им се дозволува пристап до нив, како и дека не може повеќе да ги гледаат. Меѓу мајките на децата има и такви кои и самите израснале во домот и таму родиле две деца. Полицијата соопшти дека при интервенцијата спасиле и 138 возрасни лица на возраст до 40 години, за кои се тврди дека живееле во ужасни услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


