Владата почнува со реализација на проектот за изградба на 30 придружни објекти по автопатиштата, магистралните и регионалните патишта низ земјава.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска на прес-конференција информира дека во првата фаза веќе се утврдени девет локации за изградба на бензински пумпи, мотели и други придружни комерцијални објекти по трите автопатишта кои се градат во државата. Од нив, две се локации по автопатот од Кичево до Охрид во близина на селата Мислешево и Смилево, три се локации на потегот Демир Капија – Смоквица во близина на месноста Миравци и Милетково и четири локации по трасата на новиот автопат Скопје – Штип во близина на Свети Николе, Пеширово и Сопот.
– За овие девет локации, Министерството за транспорт и врски и останатите надлежни институции веќе ги отпочнаа процедурите кои водат кон изработка на урбанистичко – планската документација – истакна Ѓорѓиев, додавајќи дека се очекува процедурите да бидат
готови до крајот на годинава или почетокот на идната.
Деветте локации ќе бидат понудени на продажба преку јавна електронска аукција.
– Со воспоставувањето на вакви содржини се постигнуваат повеќе цели како што се подигнување на квалитетот на транспортот и сообраќајот и отворањето на нови можности за бизнис-заедницата и инвестиции кои ќе придонесат за локален и економски развој – нагласи Ѓорѓиев.
Во следниот период се очекува да бидат утврдени дополнителни локации за изграба на вакви објекти на автопатиштата и на магистралните и регионалните патишта во државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.