| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија за БиХ и Србија донирала околу 600 илјади евра

поплавад

Република Македонија досега во пари и добра донирала околу 600 илјади евра за помош на Србија и Босна и Херцеговина, откако пролетва овие земји се соочија со хуманитарна катастрофа предизвикана од поплави.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова на денешната Донаторска конференција за двете балкански земји, што во Брисел ја организираат Европската комисија и Владите на Франција и Словенија, го соопшти амбасадорот на Република Македонија при Европската унија, Андреј Лепавцов.
Извинувајќи се во име на министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој според Лепавцов “поради непредвидени околности” не успеал да дојде и да присуствува на конференцијата, македонскиот амбасадор образложи колку Македонија досега донирала за Србија и БиХ, што го направија и голем дел од остнаатите преставници на земјите на оваа конференција, додека некои и на оваа конференција донираа сериозни суми на средства.
– Владата на Република Македонија, цивилниот сектор и македонските граѓани веднаш реагираа на повикот за помош од Србија и Босна и Херцеговина. На 16 мај, со одлука на нашата Влада, Директоратот за заштита испрати во Србија 15 спасувачи со опрема, генератори за електрична енергија, Министерството за одбрана испрати 50 офицери и пет генератори, а МВР хеликоптер со 15 спасувачи во Обреновац. Скоро иста помош беше испратена и на БиХ, плус 300 ќебиња и лекови. Со одлука на македонската Влада на 23 мај, итна помош од 100.000 евра во средства беше дадена на Бих и Србија, за рехабилитација на последиците од поплавата. А, со донации од граѓани и приватни лица преку македонскиот Црвен крст, од 19 до 23 мај беше испратена хуманитарна помош на БиХ и Србија во износ од
364 илјади евра во пари и средства и 982 тони добра, а со донација преку мобилните оператори, за двете земји беа собрани околу 30 илјади евра – истакна амбасадорот на Македонија при ЕУ, Андреј Лепавцов.
Инаку, на денешната донаторска конференција во Брисел, иако Србија ги процени штетите од поплавите на околу 1,5 милијарди евра, а Босна и Херцеговина на околу 3,9 милијарди конвертабилни марки (нешто под две милијарди евра), нивните претставници денеска официјално побараа 830 милиони евра (Србија) и 650 милиони евра (БиХ) од светските донатори на Донаторската конференција што се одржа во зградата “Шарлемањ” на Европската комисија во Брисел.
Досега, најголем донатор е Европската унија, која преку еврокомесарот за проширување Штефан Филе соопшти дека донира вкупно 195 милиони евра за БиХ и Србија. Притоа, 85 милиони евра за БиХ, а 80 милиони евра за Србија, додека 30 милиони евра ќе се дадат преку регионалните мерки за намирување на штетите.
Пет милиони долари е наменето за Србија од САД и 2,6 милиони долари за БиХ плус околу 7,5 милиони долари за итна хуманитарна помош во првата недела, психолошка поддршка за жителите. Велика Британија се обврза на 2,2 милиони евра понатамошна помош, додека Италија додели вкупно два милиони евра.
Донаторската конференција се уште трае.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top