
Најниска просечна оценка при упис на некој од педагошките факултети во државата ќе биде минимум четворка. Матурантите ќе полагаат приемен испит за да се провери знаењето дополнително, а секој запишан ќе добива месечна стипендија од околу 10.000 денари. На крајот од студиите секој дипломец ќе има загарантирано вработување. Oвие новини, кои ќе се спроведат на факултетите од каде што произлегуваат наставници, беа најавени минатата недела. Целта е да се подобри квалитетот на образованието.
Проф. д-р Владо Тимовски, декан на скопскиот Педагошки факултет, вели дека пред да бидат најавени овие новини, со него како прв човек на факултетот се консултирале уште пред една година.
– Сето ова од поодамна го знаеме. Очекуваме сите овие промени да произведат подобри студенти, а со тоа и подобри наставници. Очекуваме една поинаква селекција на кандидати што сакаат да бидат учители. Најверојатно ќе има промени и во студиските програми, кои ќе ги осовремениме. Овие реформи треба да бидат во насока на развој на педагошките факултети – вели Тимовски за „Нова Македонија“.
Неговата колешка, професорката Благица Петковска, која предава македонски јазик на овој факултет, смета дека е добро што студентите ќе бидат стимулирани со стипендии.
– Исто така добро е и што ќе запишуваме студенти со минимум 4 просечен успех од претходното образование. Позитивно е и што ќе има приемни испити, бидејќи мора да има соодветна селекција на кандидатите при уписот. Тоа за загарантираното вработување сметам дека треба да се преиспита, бидејќи имаме многу јаки студенти што ги завршија студиите, а во моментов се водат како невработени во Агенцијата за вработување. Ваквиот однос не е фер кон нив – смета професорката Петковска.
Наставниците по географија, математика и биологија се образоваат надвор од педагошките факултети. Тоа е кадар што своето образование го стекнал на Природно-математичкиот факултет, односно на тамошните институти. Професорите сметаат дека и на нив треба да се обрне посебно внимание. Во развиените држави постојат уште построги критериуми кога се работи за студиите за наставник – се гледаат препораките за кандидатот, тој има интервјуа со професорите, се гледа неговата желба за работа и учење педагошки факултет. Во ЕУ, за да се стане наставник, мора да се студира пет години, односно да се биде магистер.
Академија
Како што минатата недела најави премиерот Никола Груевски, предвидено е и да постои академија за наставниот кадар. Тоа значи дека по завршувањето на Педагошкиот факултет, пред да почнат да работат, наставниците ќе поминат една година на оваа академија.
– Покрај теоретско, со академијата е предвидено и практично учење кај највисокорангираните наставници во различни училишта во Македонија во согласност со екстерното тестирање. Наставниците со највисоки оценки на екстерното ќе бидат делумно предавачи на теоретскиот дел и делумно ќе вршат обуки за оние што ќе бидат на практика кај нив. На академијата ќе предаваат најдобрите универзитетски професори од државава и од странство. Наставниците што веќе завршиле Педагошки факултет ќе добијат одреден законски рок што ќе биде сосема доволен да ја завршат едногодишната академија. Тоа нема да важи само за наставниците што работат повеќе од 10 години – информира тој.
Како што беше најавено, за сите овие предлози и новини ќе се слушнат мислењата на наставниците, родителите, на експертите од областа, а ќе се видат и меѓународните искуства. Потоа ќе биде предложен конечниот закон, што треба да претставува сериозна реформа во овој дел, од причина што е тренд во изминативе десетици години на овие факултети да се запишуваат ученици со послаб успех и тоа доведува до лоши резултати по нивното завршување.
Предвидено е испитите да се полагаат компјутерски, со однапред објавени голем број прашања. Секој студент, односно кандидат, добива различни прашања и е оневозможено да има какви било нерегуларности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


