Македонската филхармонија е најдостоен репрезент на македонската музичка уметност и во изминатите седум децении даде исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот креативен потенцијал, како и на современото македонско музичко творештво на меѓународен план.
Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на промоцијата на ново ЦД по повод 70 годишниот јубилеј на Македонската филхармонија.
– Седумдесет години континуиран растеж, изведба на повеќе од 400 симфониски дела од домашни, но и странски композитори, соработка со најзначајните имиња на денешницата, впечатливи настапи низ целиот свет – тоа се референците со кои се гордееме сите ние, се гордее македонската држава, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека сите успеси на Македонската филхармонија се резултат на залагањата на стотиците врвни уметници.
Таа најави дека како и досега, така и во иднина, како Министерство ќе настојуваат соодветно да ги вреднуваат достигнувањата на сите музички уметници.
– Убедена сум дека новата сала за Македонската филхармонија, вашиот нов дом кој со години го посакувавте, наскоро ќе биде уште еден поттик повеќе, да ја продолжите својата мисија, да ја промовирате македонската култура и уметност и да освоите уште многу нови музички предизвици, нагласи Канческа – Милевска.
За новото аудио издание министерката Канческа-Милевска рече дека е можеби најубавата најава за новата концертна сезона на овој национален оркестар.
– Оваа јубилејна година но, и сите други понатаму, во новата сала на Македонската филхармонија, нека бидат повод да се гордееме со успесите на Македонската филхармонија, да се гордееме со нашите вистински вредности, подвлече министерката Канческа-Милевска.
Македонската филхармонија во рамки на одбележувањето на 70-годишниот јубилеј вечерва промовираше аудио издание на кое е поместен избор од повеќе концертни настапи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан