| четврток, 6 декември 2018 |

„Отело“ од Вилијам Шекспир утревечер на „Охридско лето“

Утревечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид со почеток од 21 часот на програмата на Охридско лето е претставата ,,Отело,, од Вилијам Шекспир во режија на Диего де Бреа

Со оваа претстава, во изведба  на НУ Народен театар – Битола, стартува годинешната драмска програма на фестивалот.

Претставата е едно реално видување дека и најмоќните луѓе имаат чувствително место кое може да се скрши. Текстот е приказна за еден човек кој има целосна контрола врз себе, но влегувајќи во параноидна состојба, се соочува со љубомора и на крајот завршува трагично, што всушност е дел од мајсторството на Шекспир.

Актерите во претставата се отвораат себеси. Овој текст не е прагматизам и не е рационален текст, туку говори за тоа дека љубомората се јавува од ништо. Зборува за тоа како една банална работа може да уништи една империја, а тоа се случувало отсекогаш во историјата.

Темата во ова време во кое живееме, во секоја смисла, е многу актуелна. Тоа е цивилизациска тема која ја третира војната, љубовта, верата, а всушност најмногу се занимава со тоа што Пандорината кутија на нашето време е желбата за власт.

„За мене како режисер секогаш предизвик е сензацијата на сцената и затоа дадов максимален простор на актерот.“- истакнува Диего де Бреа.

Диего де Бреа студирал светска книжевност и историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Љубљана. Во 1995 година започнал со студии за театарска режија на Академијата за драмска уметност, радио, филм и телевизија Љубљана. Она со што го привлече вниманието на јавноста беше неговата имагинациска дипломска претстава „Светилка која се раѓа“, која е наградена во 1999 година на Меѓународниот театарски фестивал од студентска продукција во Брно, Чешка. За своите проекти често и самиот е и сценограф и костимограф. Неговите претстави бележат успех на гостувањата низ Европа и Јужна Америка.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top