| четврток, 6 декември 2018 |

Водата во Струмица се повлекува

poplavi-vo-strumica-

Две семејства од Струмица се згрижени, а храна се доставува до поплавените во селата Муртино и Сачево.

Нивото на реките во горниот дел од струмичкото поле денеска се нормализира, но понатаму се работи на одводнување на поплавените Муртино и Сачево,каде од вчера водата од Счкиот и Муртинскиот канал навлезе во селата.

Како што изјави градоначалникот на Струмица, Зоран Заев општата состојба, посебно со нивото на реките се стабилизира и водата се повлекува во речните корита.

– За жал и понатаму тешка е состојбата во поплавените Муртино и Сачево, каде механизацијата работи на одводнување и испуштање на водата од селата во полето. Овде, општинскиот кризен штаб денеска до постарите и финасиски изнемоштени семејтва достави пакети со прехрамбени продукти. На нивно барање две семејства од Струмица се сместени во конаците на црквата „Свети 15 Тивериополски свештеномаченици“, изјави градоначалникот Зоран Заев.

На денешната прес – конференција Заев, ги демантира гласините дека има прелевање или испуштање на вода од вештачките езера „Турија” и „Водоча”.

– Иако овие објекти се во надлежност на водостопанското претпријатије кое стопанисува, сепак им верувам на изјавите на одговорните дека до сега нема прелевање на вода од овие две поголеми акомулации, додека „Иловица” и „Маркова река” веќе се полни и полека преливаат. Дел од нашата механизација е на терен и помага во зацрврстување на бреговите на реката Турија во Пиперево и Сарај, рече Заев.

Според Заев, општинските комисии за штети веќе се во населените места каде по поднесените пријави од граѓаните се вршат и првите проценки, што ги направи поплавата. Првичните анализи и информација за преземените мерки за надминување на ова елементарна непогода ќе бидат на дневен ред на утрешната редовна седница на советот на општина Струмица.

Градоначалникот на Струмица упати благодарност до сите граѓани кои несебично се залагаат во надминување на тешката состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top