И покрај апелите од меѓународната заедница за примирје, Израел денеска бомбардираше преку 40 цели во Појасот Газа додека палестинските милитанти испалиле повеќе од 20 ракети кон израелската територија. Бројот на жртвите се искачи на 172 во седумдневната израелска офанзива, додека над 1.200 лица се повредени.
Бан Ки-Мун изрази загрженост поради очигледното влошување на состојбата и покрај повикот од Советот за безбедност за воспоставување примирје.
– Тој од двете страни побара чекори во тој правец – велат од кабинетот на Ки-Мун.
Најмалку 17 илјади луѓе од северниот дел на Газа ги напуштиле домовите по предупредувањето од израелската армија иако Министерството за внатрешни работи на Хамас порача да не го прават тоа. Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајмер, најави дводневна посета на регионот на разговори со двете страни, со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска, а утре со палестинскиот претседател Махмуд Абас. Шефовите на дипломатиите од Арапската лига денеска итно се состануваат во Египет, како и Советот за безбедност во ОН.
Според израелската армија, минатите 24 часа воздушните сили нападнале 12 милитантни засолништа во Газа од каде што биле лансирани ракетите. По полноќ, неколку ракети се испалени и од Либан кон северот на Израел, по што следел одговор со топовски гранати. За овој напад Израел се пожалил до силите на ООН на југот на Либан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.