Со најпопуларните арии на големиот композитор Џузепе Верди во изведба на италијанските оперски ѕвезди, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи, вечерва на свечен начин беше отворено 54-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“.
– Како ретко кој човечки феномен, уметноста има способност да ја изрази вистината за човековата душа. Вистина која иако не се изговара, сепак не смее да се премолчи – дека од искона луѓето имале творечки дух кој им овозможува и кога се слаби да бидат силни, и кога се сиромашни да бидат богати, и кога се во пранги да бидат слободни, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој како покровител на манифестацијата го прогласи отворено годинешното фестивалско издание.
Иванов пред неколкуилјадната публика на Античкиот театар нагласи дека секоја промена во светот најпрво започнува во човековиот ум и во човековото срце.

– Вечерва сме тука, во нашиот древен Охрид, бидејќи веруваме во моќта на музиката и уметноста, да го промени и да го облагороди човекот, а со тоа и светот и векот во кој живееме, додаде претседателот Иванов.
Шефот на државата потсети дека пред седум децении се роди Македонската филхармонија и посочи дека како што АСНОМ го проби патот до слободата, Филхармонијата го отвори „Охридско лето“ како најзначаен коридор на уметноста.
– Нашиот фестивал прерасна во современа уметничка „Виа Игнација“ што одново ги поврза Охрид и Македонија со Европа и со светот. „Виа Игнација“ по која чекорат врвни домашни и странски уметници, кои со моќта на звукот и танцот, зборот и сликата, ги менуваат нашите срца и мисли, а со тоа и нашиот светоглед, рече Иванов.

Оперската пејачка Милка Ефтимова ја испрати уметничката порака од 54. издание на фестивалот Охридското лето.
Пред почетокот на концертот присутните со едноминутно молчење им одадоа почит на началникот на хелихоптерската единици на МВР Драги Мицев и тројцата пилоти Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички, кои загинаа во хелихоптерска несреќа во четвртокот околу 22 часот во близина на Струмица.

Наредните 40 дена се до 20 август до кога ќе гори фестивалскиот оган на Античкиот театар, Охрид ќе биде местото на големи концерти, театарски претстави, со ексклузивни уметници од кои за повеќето од нив тоа ќе биде премиерно нивно претставување во овој дел од Европа.

Музичкиот дел од фестивалската програма нуди изобилие од звучни имиња, потврдени уметници, атрактивни фестивалски настани. Тука се настапите на пијанистите Елизавета Леонскаја, Аркадиј Володос, волинистите Кирил Трусов, Нинг Фенг, виолончелистот Нарек Хакназариан, Кадеша дуото од Албанија, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, гудачкиот квартет Јанкелиевич, ансамблот Вариабиле…

За пошироката публика во Охрид ќе видиме и неколку светски атракции, чии имиња и настапи се дел од најпрестижните светски музички сцени, настани што претставуваат вистински ексклузивитет. Меѓу нив се концертите на хрватскиот пијанист Максим Мрвица, „Моцарт групата“ од Полска, сензационалните вокалисти, но и актери од израелската перформанс група „Вока пипл“, како и целовечерниот концерт на кинескиот Симфониски оркестар „Шенжен“.

На роденденот на фестивалот 4 август публиката во Охрид ќе има можност да ужива во настапот на еден поинаков Немања Радуловиќ, светски познатиот виолинист кој како што беше најавено заедно со групата „Ѓаволски трилери“ ќе понуди несекојдневна атрактивна програма, со нови звучни димензии.

Драмскиот дел од фестивалот содржи девет најнови продукции, од кои две премиери, како од домашните театарски куќи, така и со гостувања на звучни имиња од меѓународната театарска сцена. Самиот избор на претставите ветува несекојдневни уметнички доживувања, претежно комедии, топли претстави со ведар дух, под закрилата на класиката и високата уметност.
Драмската програма започнува со „Отело“ во изведба на Битолскиот народен театар, „многу врева за ништо“ на Театар „Комедија“, праизведбата на „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски во изведба на МНТ, „Ждрело“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Од македонската драмска сцена тука е уште и настапот на Албанскиот театар со претставата „Предавање“ на текст на познатиот Мартин МекДонах.
Од гостувањата во драмскиот дел на фестиваслките сцени во Охрид ќе ги видиме суптилната комедија „Како што милувате“ во изведба на „Њу битом“ театарот од Полска, „Његош и ја“ во изведба на Црногорското народно позориште од Подгорица, „Женидба“ од Гогољ во продукција на „У-моста“ театарот од Русија.
Затворањето на ова фестивалско издание годинава ќе биде токму од драмскиот дел на програмата, со претставата „Роденденот на господин Нушиќ“ во изведба на Звездара театарот од Белград, претстава на текст на познатиот режисер Душан Ковачевиќ, а во изведба на познати актери од глумиштето во регионот, предводени од Бранислав Лечиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“


