Театарот на апсурдот веќе втора година владее во македонската опозиција. Потезите на СДСМ сѐ повеќе личат на класична антидрама, небаре Семјуел Бекет (1906-1989) ги пишувал нивните сценарија. Индикативно или не, апсурдноста што почнува со егзистенцијализмот во антидрамата е уште понагласена, а се постигнува (според теоријата на Театарот на апсурдот) со постојано повторување на бесмислиците како средство на комуникација и со отфрлање на класичните драмски белези. Теоријата на апсурдот според многу работи личи на дејствувањето на македонската опозиција, која целосно, од корен, ги измести установените правила на игра на политичката сцена и промовира нови, бесмислени потези по кои сите остануваат во дилемата – што е поентата на овој потег од Бихаќка?
Поврзаноста на македонската опозиција со театарот на апсурдот според многу работи ја потврдува делото „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет. На почетокот на краткиот опис на ова антологиско дело би требало да стои холивудското предупредување што оди пред филмовите, кое вели „сите ликови се измислени, секоја сличност со случки од реалноста е случајна“. Можеби во конкретниов случај, подобро би одговарало – „сите ликови се измислени, освен тие што не се…“
„Чекајќи го Годо“ е антидрама, која претставува празнина, чекање на празно дејство. Во неа постои низа на дејства и дијалози што не претставуваат апсолутно ништо – едноставно губење на времето додека се чека нешто што никогаш и нема да дојде. Ликовите во овој претставник на театарот на апсурдот се супербесмислени. Темата на драмата се содржи во насловот, главните ликови (Естрагон и Владимир – а во нашиот случај Македонија и ЕУ) го чекаат Годо (кај нас Заев, или Бранко), кој треба да донесе подобар живот или, во нашиот случај – „демократија“. Идејата во делото на Бекет е во бесмисленоста на животот, која, сепак, е поткрепена со надежта дека, можеби, ќе биде подобро, но само ако дојде, кој друг ако не – Годо. Во оваа драма, како и кај македонската опозиција, сѐ е релативно – времето на настанот (изборите), местото (името на државата), па и ликовите (Македонија, САД, ЕУ, Грција). Времето е денеска, утре, а можеби и вчера, па така и кај нас наеднаш ќе се вратат во божемни афери од 2004 година, за другиот ден да реагираат за цената на електричната енергија, извештајот на ЕК што следува и слично. Ликовите кај Бекет и самите не знаат дали чекале вчера или уште порано, а и утре уште ќе чекаат, секако, ако стигнат навреме… Уште еден пластичен опис на опозициската ситуација во Македонија, никој не знае ништо, ниту зошто – но знае дека треба да не се признаат мандатите и дека морало да се формира техничка влада и да се оди на нови избори, на кои повторно ќе се доживее уште еден, поголем пораз?! Основната разлика меѓу „Чекајќи го Годо“ и македонската реалност е што делото на Бекет е трагикомедија во два чина, во кои дејството речиси се повторува – кај нас, пак, ситуацијата и дејството траат речиси 23 години и не речиси, туку идентично се повторува со истите ликови, кои никако да си заминат од сцената. Опозициската вљубеност во драмата ја покажа и нивното очекување за надворешна интервенција и пројавата на позната Божја рака или Деус екс макина, карактеристична за грчката драма, која требаше да ги врати на сцената. А, од друга страна и актуелниот претседател обожува да се маскира, во самурај ли, во лидер ли…
Проблемот на идентичноста на вокабуларот на Венизелос и на Бихаќка…
Велат дека фалбата е ’рѓа. Но тоа не го спречи грчкиот шеф на дипломатијата да се пофали дека заштедиле многу како претседавачи на ЕУ. Потрошиле само 19 милиони евра, иако предвиделе 50, а претходниците им трошеле и повеќе. Скептиците ќе речат, па што направија за да ги потрошат и тие 19 милиони евра, а зајадливците ќе искоментираат дека кризата во Украина, која сите како да забораваат дека се случи за време на претседавањето на Атина со ЕУ, им заштеди многу на нашите соседи затоа што таму пари трошеа Американците… Како и да е, најголемите трошаџии во Европа стана штедливи, а истовремено опозицијата на северниот сосед, на која сиромаштијата ѝ е еден од главните аргументи за враќање, нема проблем да потроши уште десетина милиони евра на нови избори, само за да се врати на власт. Настрана што анкетите, како таа на етаблираната американска ИРИ, покажуваат дека нема шанси за такво нешто, туку дека, напротив, ги очекува уште поголем дебакл. Својата шанса за владеење, макар и на неколку месеци, ја гледаат во фамозната техничка влада, која, како во 2001 година, треба да им обезбеди триумфално враќање на Илинденска. Но на Бихаќка забораваат дека во 2014 година, за разлика од 2001 година, немаше конфликт, но и дека за аргументите за непризнавање на изборите не најдоа слух ниту САД, ниту ЕУ, никој… Како и да е, опозицијата не отстапува од својата невозможна мисија, заборавајќи дека нивниот лидер не е Том Круз, освен, можеби, според висината. Американскиот актер е висок 170 сантиметри.
Таканаречената „висока“ политика на една држава, пак, е синоним за највисоките национални државни интереси. Колку и да негираат на скопската уличка и да ја префрлаат вината на противничкиот табор, нивните потези, едноставно, прекрасно им легнаа на нашите јужни соседи. Полека, но сигурно, со секој чекор на македонската опозиција, официјална Атина консеквентно го менуваше својот вокабулар. Сѐ почесто кај грчките челници причината за немањето преговори со ЕУ за Македонија не е името, туку, едноставно, „немањето демократија, почитување на човекови права и правна држава, непочитување на Мартовскиот договор меѓу основните политички партии…“ Интересно е дека, кога не би назначиле и нагласиле кој го кажал ова, многумина, без никаков проблем и двоумење, би помислиле дека се работи за изјава на кој било челник од СДСМ. Напротив, проблемот на истиот вокабулар не значи дека Заев и Венизелос размислуваат исто, но податливоста на овие аргументи, едноставно, е премногу добра за нашите јужните соседи да ги одбијат овие лесни погодоци или, кажано со спортски речник – пенали, кои им ги мести македонската опозиција.
Грција како пример за ставање на националните интереси пред партиските?!
Уште една реченица од изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата ги заскокотка македонските уши. Во својот последен говор, набројувајќи ги споменатите наводни недостатоци на нашата држава, тој во продолжение на истата реченица рече „секогаш ни се отворени вратите за посетители од таму“. Коментарот што следуваше кај многумина беше – дали тој, можеби, мисли на еден конкретен, чест посетител од Македонија, кој десетина пати ја мина грчко-македонската граница минатата година, понекогаш и конспиративно, т.е. пеш?!
Што и да мислеше Венизелос, останува фактот дека Грција „на големо“ се офајди од внатреполитичката ситуација во нашата држава, каде што партиите и натаму ќе си ја префрлаат вината околу можноста да немаме позитивен извештај од ЕК, но едно е сигурно – грчкиот шеф на дипломатијата и премиерот Самарас нема никаде да го користат вокабуларот на македонската владејачка партија, освен, ако не сакаат да извршат политичко самоубиство и да му се приклучат на ПАСОК, токму партијата кон чијашто судбина се стреми СДСМ. Но, сепак, и таму ги дели една драстична разлика – ПАСОК, поради висок национален интерес, сега е во коалиција со Неа демократија… Венизелос доаѓа токму од ПАСОК, но грчкиот план и „црвени линии“ се исти за сите политичари кај нашиот јужен сосед. Несфатливо за македонската политичка констелација, нели. Партискиот интерес да биде пред националниот е нешто за што, очигледно, и за жал, ќе треба време, многу загубени избори и сериозна промена на менталитетот. Поверојатно, потреба од рестартирање на опозицијата…
Тоа што е најчест коментар на познавачите на состојбите е дека начинот на кој СДСМ и македонската опозиција би им ја затнале устата на тие што се осмелуваат да го коментираат ова, а ги има многу такви неподобни и непромислени „патриоти, како што ги квалификуваат на Бихаќка, е многу прост и едноставен. Кој и да е од оваа партија би требало само да излезе и национално, не и патриотски – тоа е погрдниот збор за противниците, да побара Грција да не ја користи внатрепартиската ситуација во Македонија бидејќи нивниот проблем е во името. Ова, кажано јасно и гласно, би ја оттргнало целата дамка од партијата, чијшто сегашен лидер при назначувањето за претседател на СДСМ доживеа нагло затврднување на ставот кон името, придружено со биолошки и етички неприродно брзо исправање на „кичмата“, за сето тоа, буквално, да исчезне во последното полугодие. Ако анализирате, името и Грција, буквално, не се споменати во неговите интервјуа, а нивниот кандидат за претседател својот став за името го криеше како „змија нозе“ и никогаш не ѝ го обелодени на јавноста. Познавачите на состојбите ваквите игри во СДСМ ги поврзуваат директно со надежта на партијата за помош од меѓународната заедница, т.е. САД и ЕУ, кои требаше да бидат главните носители на нивното враќање на власт по непризнавањето на изборите. Познавачите на состојбите и натаму чекаат на изјавата на СДСМ против Грција, а како аргумент за неминовната потреба го кажуваат фактот што дури 82 проценти од Македонците (на последните анкети на јавното мислење) се изјаснија против каква и да е промена на уставното име како замена за влез во ЕУ и во НАТО.
Никовски: Ова е опомена за опозицијата да води сметка за своите чекори
За поранешниот амбасадор Ристо Никовски, нормално е и неизбежно што Грција се обидува да ги капитализира нашите внатрешни проблеми. Тоа е чиста дипломатска техника, вели Никовски.
Никовски: Сепак, проблемот е што истата „злоупотреба“ ќе ја прави и Брисел и максимално ќе ги користи нашите домашни слаби точки. Тоа особено ќе доаѓа до израз и поради пресудата од Хаг, која многу непријатно им виси над глава. Ќе се обидуваат блокадатаa што ни ја поставуваат нелегално за влез во НАТО и во ЕУ да ја тргаат настрана мавтајќи со фактот дека нашата демократија станува нефункционална. За жал, во тоа има и вистина. Бојкотот на Собранието од СДСМ и на претседателот од ДУИ, го потврдуваат тоа. Ова е директна опомена за споменатите партии да водат сметка за своите чекори бидејќи со реализација на несоодветна политика на домашен план ја уриваат меѓународната позиција на земјата.
Боцевски: СДСМ заговара нова преговарачка рамка за спорот за името
За поранешниот вицепремиер за евоинтеграции, проф д-р Ивица Боцевски, сигналите што доаѓаат од Грција и од Венизелос не се ништо ново за Македонија. Официјалната политика на Грција кон Македонија останува врамена во грчкиот шовинизам кон нашата земја, а целите на нивната надворешна политика и натаму се отворено шовинистички, вели тој, односно употреба на сите средства што им стојат на располагање за поништување на македонскиот идентитет и на македонската државност. Проблемот го гледа во дејствувањето на македонската опозиција, која заговара нова преговарачка рамка за името.
Боцевски: Во Македонија во моментов СДСМ се обидува да измисли некаква криза. Соочени со фактот дека овој нивни јалов обид нема никаква поддршка од граѓаните, а и дека никој од меѓународната заедница не се потресува околу нивното безумие, раководството на СДСМ секојдневно ја ескалира реториката. Најновиот изум во лабораторијата на СДСМ вели дека се потребни „нова техничка влада, нови избори и нова преговарачка рамка за спорот за името“. Ајде некако и разбирам дека треба и натаму да го возат филмот со техничка влада и нови избори, веројатно сѐ додека не се соочат со апсурдноста на своите предлози. Меѓутоа, никако поинаку не можам да го разберам барањето за „нова преговарачка рамка за името“, освен како отворена и бесрамна игра за грчките интереси во Македонија. Во моментот кога фокусот на меѓународната заедница во Грција е насочен само кон одржување во живот на грчката економија и на владата на Самарас, апсолутно никој нема да се занимава со некои други прашања, вклучително и „македонското прашање“. Не само тоа, туку „нова преговарачка рамка“ означува и изместување на процесот од Обединетите нации, како и некои непотребни истрчувања, кои може само дополнително да ја влошат македонската позиција. Да не зборуваме, пак, колку погубна би било некаква техничка влада од „влажните сништа“ на интелектуалците на СДСМ, која не би имала никаков политички мандат, да крои „нова преговарачка рамка“ или да отвора некој нов Дејтон или Охрид. Имајќи предвид кои ликови ги даваат овие предлози не треба да се има никаков сомнеж дека станува збор за директно и бесрамно одработување за туѓи каузи.
Според него, зад ова, можеби, повторно се крие старата идеја за решение на проблемот за името „според моделот на Рамковниот договор“ затоа што кај некои кругови во Македонија и во меѓународната заедница, доколку клучните политички фактори во Македонија „консензуално“ ја потпишат македонска капитулација пред Грција, тогаш никој и не би ја презел одговорноста за таквата погубна одлука, па политиката ќе си продолжи како ништо да не се случило. Таквата анализа, вели Боцевски, заборава дека Македонија веќе четврт век гради демократија. Таков политички земјотрес би ги растревожил граѓаните, кои, секако, нема немо да гледаат на таквиот чин.
Боцевски: Не треба да се биде добро информиран за да се заклучи дека нема нов предлог на масата. И самиот Нимиц кажа дека преговорите се западнати во ќор-сокак. Има некои јалови обиди на дел од дипломатите „жедни да нѐ пренесат преку вода“ со тврдењето дека не се преговара за идентитетот, но тоа нема да им помине. Самите Грците се кристално јасни дека идентитетот на Македонците е самата суштина и срцевина на проблемот, па затоа јас не гледам причина воопшто да се отвора процесот сѐ додека немаме јасна гаранција дека нема да се чепка и засега во македонскиот идентитет. Точно, за идентитетот не се преговара затоа што краен безобразлук е воопшто да се спори нечиј идентитет во Европа во 21 век, но на Грците, очигледно, тоа им проаѓа, а не гледам дека некој посебно се потресе во Европа поради овој отворен обид за етноцид врз Македонците.
Боцевски очекува СДСМ да излезе од својата лушпа и да го осуди Венизелос. Вели дека воопшто не се сомнева во патриотизмот на членовите, симпатизерите и на гласачите на СДСМ и дека тие цврсто веруваат дека не смее да има решение на спорот за името на штета на Македонија. Сепак, се сомнева во раководството на партијата.
Боцевски: Надевајќи се дека ќе купат уште по некој дополнителен поен пред меѓународната заедница, тие дозволија да испраќаат чудни сигнали и да даваат контрапродуктивни изјави. Се создава впечаток дека би пристапиле кон какво било решение на спорот, без разлика на цената за македонскиот идентитет и македонската државност („решение за шест месеци“, „виткање на кичмата“ и слично). Воедно, тие дури се обидуваа да им го исперат мозокот на своите поддржувачи тврдејќи дека Македонија ќе влегла во НАТО и ќе ги почнела преговорите за полноправно членство во ЕУ, но само ако продолжеле со својот мандат. Меѓутоа, сега тие имаат одлична шанса да се оградат од ваквите барања за „нова преговарачка рамка за името“, да го осудат Венизелос и неговите изјави, но и јасно да стават до знаење дека, без разлика на нашите домашни циркуси, тие сметаат дека Македонија ги исполнува критериумите за влез во НАТО и за почеток на преговорите со ЕУ. Упорно продолжување на оваа стратегија на спорење на македонската демократија и на институциите на македонската држава е, исто така, отворено играње на грчка карта. Јас не верувам дека тоа е цел на раководството на СДСМ, но последните неколку потези на таа партија укажуваат дека нивното раководство нема никаква стратегија за политичко дејствување и дека не се свесни за одговорноста за сета своја неразумна политика.
Според Боцевски, најдобро осигурување дека нема да бидат прифатени никакви налудничави идеи и дека Венизелос може слободно да продолжи да си ги врти своите плочи, се граѓаните на Македонија.
Боцевски: Тие покажаа дека мошне добро мерат, а уште подобро и попрецизно сечат. Политичарите и интелектуалците, кои го спорат македонскиот консензус за името, се отфрлени од самата заедница како маргиналци и луѓе со злокобни идеи. Редно време е и СДСМ да се откаже од нивните услуги, но и да го потврди консензусот за спорот за името. Во спротивно, и тие ризикуваат да им прават друштво на овие ликови на самите маргини на политичкото и на општественото живеење во Македонија.
Според Никовски, пак, во изјавата на Венизелос имаше уште еден многу важен елемент за спорот – тој рече дека спорот не е билатерален туку мултилатерален, а, според него, поводот за оваа негова изјава е поливалентен. Прво, познато е дека меѓународната заедница, пред сѐ САД, инсистира на билатерален договор меѓу Македонија и Грција. Второ, никој во Грција не е подготвен за таков договор.
Никовски: Што и да потпишат, ќе (им) биде контрапродуктивно. Дури и со нивната ерга омнес. Еден добар дел од грчкото општество, предводено од Златна зора, тоа ќе го дочека на нож. Трето, потребата од билатерален договор создава притисок врз Грција, кој иако не е голем, сепак, постои. Четврто, по Букурешт во 2008 година, практично, Брисел ја презеде обврската да ја блокира Македонија преку уцената и ултиматумот – прво името, потоа членство… Има и други причини зошто на Атина не ѝ одговара билатералниот карактер на спорот. Покрај другото, таму се смета дека се посилни на мултилатерален план бидејќи имаат широка поддршка. За жал, тоа е точно.
Меѓутоа, за Македонија, вели Никовски, е апсолутно подобро да се задржи мултилатералниот карактер на спорот, иако генералната поддршка што ја имаме и во ООН, да не зборуваме во НАТО и во ЕУ, е многу послаба од грчката.
Никовски: За нас е клучен фактот што во директното барање на решение во Атина нашата позиција е апсолутно најслаба; не става во понижувачка позиција да треба, на крајот, да се договориме какво име „смееме“ да користиме; никакви се изгледите директно од Атина да извлечеме ниту минимум од нашите најстратегиски интереси; не смееме да потпишеме никаков „финален“ договор во кој нема да бидат вклучени сите отворени прашања меѓу двете земји, а тоа значи и регулирање на статусот на нашето малцинство во Грција, имотите на иселените и на протераните Македонци од таму и сл. Во случај да се потпише „финален“ договор без овие и други слични прашање ќе значи наше премолчено прифаќање дека тие не постојат! Дека нема други отворени прашања меѓу двете земји… Поради сето тоа, на Македонија целосно ѝ одговара решението и понатаму да се бара решение во рамките на ООН. Тоа не значи дека треба да останеме на сегашните процедури водени од Нимиц туку треба што поскоро да се тргне со нова иницијатива, чијашто основа би бил фактот дека посредувањето се покажа бескорисно, дека се потроши и дека проблемот треба да се врати во СБ на ООН. За тоа, се разбира, потребно е изработување нова детална стратегија.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.