Рататуј е специјалитет на Прованса, Франција, и содржи богатство на вкусови што доаѓаат од зеленчукот и од зачините што ги содржи. Рататуј може да се јаде и зиме и лете, но се препорачува посебно во лето поради тоа што е нискокалоричен. Ова јадење се поврзува со градот Ница. Може да се послужи како топло предјадење, главно јадење или како ладно предјадење бидејќи може да се подготвува и еден ден порано, а откако ќе отстои еден ден е уште повкусно. Се подготвува од домати, модар патлиџан, тиквички, пиперки, евентуално кромид и лук. Од зачини предност имаат свеж босилек, мајчина душичка, мајоран, магдонос. Во некои рецепти се додава и една лажичка шеќер.
Состојки:
1 црвена пиперка
1 жолта пиперка
2 тиквички
2 домата
1 лук
1 модар патлиџан
200 мл доматен сос
Босилек
Сол и црн пипер
Подготовка:
Прво исчистете ги пиперките од семките и насечкајте ги на мали коцки. Тиквичките, модриот патлиџан и лукот, исто така, насечкајте ги на мали коцки.
Пред да ги исечкате на коцки и доматите, потопете ги кратко во зовриена вода, а потоа извадете ги и излупете им ја лушпата. Насечкајте ги и нив на поголеми коцки.
Зеленчукот почнете да го готвите на средно силен оган и гответе го околу 15 минути, додека не омекне. Додека се готви, ставете ги зачините – сол, црн пипер и босилек.
Кога ќе биде готово, извадете го зеленчукот од лонец и префрлете го во друг сад. Во лонецот ќе остане сос од зеленчукот. Во него додајте го доматниот сос и нека се готви на тивок оган уште 20 минути, сѐ додека не се згусне. Добиениот сос процедете го низ цедалка, а потоа прелејте го зготвениот зеленчук со него.
Рататуј, по желба, се сервира ладен или топол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.