| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија нема небезбедни домати од Турција

Во Македонија не се увезени небезбедни домати од Турција, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Агенцијата, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ, нема добиено ниту нотификација за увоз на небезбедни домати од Турција на македонскиот пазар.

Инспекциските служби вршат континуирани контроли на пратките зеленчук кои се увезуваат и тие се пуштаат на пазарот исклучиво по добивање наод од извршени лабораториски испитувања со кои се потврдува дека не содржат пестициди или други штетни материи над максимално дозволените концентрации.

– Редовно се контролира и домашниот пазар, дистрибутивните центри, како и преработувачките капацитети. Дополнително, прометот со зеленчук се контролира во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овој тип производи, нагласуваат од АХВ.

Од почетокот на годинава досега, од Турција, Грција, Албанија и Италија се увезени 264 пратки домати во количина од 2.547.581 килограм.

Покрај редовните инспекциски контроли, согласно препораките на ЕУ, АХВ од 2012 година ја спроведува и Програмата за мониторинг на безбедноста на храната чија цел е одредување евентуално присуство и на концентрациите на контаминентите во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top