Во изјава за весникот на албански јазик „Коха“ поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Сулејман Реџепи, ги осуди лицата што манипулираат со незадоволството од пресудата за осудените за случајот „Монструм“. Иако и претходно во слични протести организирани од Албанци се вееле знамиња на Саудиска Арабија и знамето на џихадот, поглаварот сега првпат јавно го осуди таквиот чин.
„Јас лично повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите отколку да го изразувам гневот кон полицијата“, изјавил Сулејман Реџепи во врска со протестите за случајот „Монструм“.
„На протестите во Скопје имаше премногу хорор. Видовме странски знамиња со арапски текстови, кои не ѝ припаѓаат на нашата нација, нашата држава, па дури и на нашата вера. Тоа беа знамиња на обични манипулатори. Зошто е потребно знамето на Саудиска Арабија да се вее пред носовите на македонските полицајци. Јас не верувам дека арапската држава ќе им дозволи да манипулираат со националното знаме. Таквите лица, без сомнение, се вклучени со цел да се девалвира национален или верски протест“, вели реисот Реџепи.
Поглаварот на ИВЗ предупредува дека е „многу ризично“ да се организираат протести чиј организатор не се знае и стануваат девалвирачки и штетни.
Ова е прва остра реакција од духовниот водач на ИВЗ за протестите за овој случај, но и за другите. Досега и тој и заедницата што ја предводи молчеа за користењето знамиња и друга кореографија којашто не е поврзана со верската традиција на македонските муслимани.
Реџепи дури во изјавата директно посочува дека кореографијата од протестите не ѝ припаѓа на исламската вера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


