Веќе проверениот и искусен тим на битолскиот театар „Дел арте“ подготвува нова комедија, која повторно е по текст на Димитар Захариевски, а во режија на познатиот актер и пејач Бојан Стојков. Воедно, и Захариевски и Стојков ги играат главните улоги, а покрај нив во „Венецијанска свадба“ играат и Кристијан Танчевски, Елена Тодосиоска, Тамара Стојковска, Климентина Митревска, Кристина Петкоска и Михаил Ѓорѓиевски.
Станува збор за комедија дел арте, посебен вид комедија под маски, полна со љубовни заплети, со веќе утврдени карактери ставени во ситуации, со голема слобода за импровизација на актерите-мајстори на занаетот.

Димитар Захариевски и Бојан Стојков во претставата „Локал 69“
– Најголем предизвик беше да се влезе во светот на дел арте, каде што постојат јасни правила за тоа кој лик од каде потекнува, каков карактер има, што претставува, дали носи маска и каква, и да се пронајде универзалниот хумор што ја засмејувал публиката пред неколку века, па истиот да ѝ го пренесеме на публиката и денес. Се надеваме дека ќе успееме. Ние веќе уживаме во создавањето на оваа комедија, веруваме дека и публиката ќе ужива заедно со нас – вели режисерот Димитар Захариевски, кој е автор и на останатите претстави на „Дел арте“ – „Љубов или нешто слично“ и „Локал 69“.
Театарот „Дел арте“ постои веќе две години, време во кое и публиката и критиката препозна во нив оригиналност, спонтаност и свежина.
Како што велат, примарната задача на овој театар е подготовка и изведба на театарски претстави (комедии), а секундарна – регрутација, селекција и едукација на нови таленти, со цел негување на вистинските вредности на комедијата и на префинетиот хумор.

Дел од претставата „Љубов или нешто слично“
Дејството на новото дело, „Венецијанска свадба“ се случува во Венеција во 18 век. Стојков ги толкува ликовите на слугата Џовани (тип на Арлекин) и на слугата Педролино, а Захариевски ги толкува улогите на Ил Капитано и на Лелио – љубовник од Неапол.
Тука е и слугинката Лисиета (тип на Коломбина), па ликовите на инаморатите (љубовниците), потоа Панталоне, Паљачо и други.
Заради вистинско театарско искуство, „Венецијанска свадба“ ќе се игра во античкиот театар „Хераклеја“, а премиерата е закажана за понеделник, 15 јули, со почеток во 21 часот.
Влезниците, по цена од 100 денари, може да се набават на билетарницата во „Хераклеја“, пред почетокот на претставата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


