| четврток, 6 декември 2018 |

Израел почна офанзива во Појасот Газа, Хамас се заканува

Израелската армија денеска почна офанзива врз Појасот Газа, што е под контрола на исламистичкото движење Хамас, а од воздух и од море гаѓаше 50-тина цели, вклучувајќи и куќи на членови на движењето.

specijalci-izraelski-vonici-se-pridruzili-kenijskim-u-borbi-za-oslobodenje-taoc-1379856518-369905

Цел на офанзивата, што и во попладневните часови беше продолжена со несмален интензитет, е засекогаш да се запре ракетирањето на Израел од оваа палестинска територија, пренесува Танјуг.

Во израелските напади од изминатата ноќ и  утринава, кои следеа по силниот баражен ракетен оган од Газа врз Израел во понеделникот вечерта, ранети се најмалку 15 лица, вклучувајќи и две жени и едно дете.

Израелскиот армиски портпарол, потполковникот Петер Лернер, изјави дека Израел се подготвува за испраќање копнени сили во рамки на операцијата наречена „Заштитен појас“.

– Ние собираме сили за да можеме да ги мобилизираме доколку се покаже потреба од тоа. Не мислиме дека тоа веднаш ќе се случи, но имаме зелено светло да регрутираме повеќе резервисти, што ќе ни овозможи да изведеме копнена мисија, рече Лернер.

Израелските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, јавија дека премиерот Бенјамин Нетанијаху денеска и наредил на војската да подготви копнена операција.

Военото крило на Хамас се закани со „земјотрес“ како одговор на израелската операција. Во соопштението на движењето  се осудува израелското бомбардирање на куќи, како и преминувањето на црвената линија и се закани дека ќе истрела ракети од подолг дострел.

„Ќе одговориме со проширување на дострелот на нашите цели“, соопштија екстремистите, а пренесуваат британските медиуми.

Лернер потврди дека во понеделникот вечерта врз Израел паднаа повеќе оде 80 ракети , од вкупно 300 проектили што беа истрелани во изминатите неколку недели, по релативното затишје што траеше неколку години од претходната израелска воена кампања.

– Ние повеќе пати го предупредивме Хамас дека тоа мора да престане и израелските одбранбени сили во моментов делуваат да ги запрат еднаш за секогаш, рече портпаролот на Нетанијаху, Марк Регев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top