| четврток, 6 декември 2018 |

МНТ со бесплатни претстави во Кратово

teatar

„Парите се отепувачка“, во режија на Бојан Трифуновски е театарската претстава со која во петок ќе се отворат Деновите на Македонскиот народен театар во Кратово.

Кратовчани бесплатно ќе можат да ги гледаат театарските претставите „Последна шанса“, „Сребрена свадба“, „Свадбата на Фигаро“ и „Не се клади на Енглези“

Сите претстави се со почеток во 21 часот и ќе се изведуваат на платото пред Музејот на Град Кратово. Само монодрамата „Сребрена свадба“ е предвидено да се игра во хотел „Кратис“.

Уметничкиот директор на МНТ Дејан Пројковски најави дека ќе се обидуваат да играат театарски претстави во места каде граѓаните ја немаат можноста секојдневно да посетуваат театар, притоа напомена дека  оваа иницијатива е на општината и на градоначалникот на Кратово.

 – Предвидени се средби, дружења на дел од актерите со средношколците од Кратово, со младите од драмските секции и со сите заинтересирани, рече Пројковски.

Градоначалникот на Кратово Мите Андоновски ги повика граѓаните на Кратово и од соседните општини Пробиштип, Крива Паланка, Ранковце и Куманово да ги погледнат театарските претстави. Додаде дека оваа манифестација ја поддржува хотел „Кратис“ и други спонзори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top