| четврток, 6 декември 2018 |

Оглас за плацеви во ТИРЗ „Жабени“

жабениОпштина Битола објави оглас за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање за изградба на објекти за комерцијални и деловни дејности, производство, дистрибуција и сервиси во јужната индустриска зона „Жабени“.

Станува збор за градежно неизградено земјиште во индустриската зона „Жабени“ на кое, според урбанистичкиот план, е овозможено купување пет парцели за комерцијални и деловни дејности и девет парцели со различна површина за изградба на објекти наменети за производство, дистрибуција и сервиси.

Општина Битола информира дека се огласени 11 парцели за отуѓување по пат на јавно наддавање, исто така, сопственост на Република Македонија, кои се наоѓаат во поранешната касарна, а се наменети за изградба на хотелски комплекс, катна гаража, трговски центар и станбени згради.

Во јавниот повик, чијшто рок истекува на крајот од овој месец, посочена е и можноста за купување градежно земјиште во градската работна зона северно од патот Битола-Новаци и локалитетот „Француски гробишта“ со цел изградба на капацитети од сферата на лесната индустрија во кои инвеститорите ќе треба да вработат по 120 лица.

Општина Битола објави оглас и за продажба на објекти во поранешната касарна на АРМ кои се во сопственост на локалната самоуправа. На располагање се девет локации со различна површина и различна намена во зависност од деталниот урбанистички план за АРМ – втор дел. Продажбата на објектите ќе се врши по пат на јавно наддавање на 10 јули и според принципот на целосно преземање, видено-купено, потврдуваат од локалната самоуправа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top