Советот на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ денеска на прес-конференција го најави почетокот на јубилејното, 40-издание на фестивалот, на која директорката Весна Атанасовска-Вучиќ соопшти дека се завршени сите подготовки.
– Годинава на Рудина кај Долнени на 4-ти и 5-ти вечерта ќе настапат околу 300 изведувачи на народни инструменти и песни од сите краишта на Македонија. Се пријавија дури 700 учесници, а е направена селекција на 300 учесници, рече Атанасовска-Вучиќ.
На камената бина на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп вечер ќе биде промовирана монографијата за јубилејот на фестивалот насловена „Непресушен извор“ од новинарот Елизабета Митреска.
– Монографијата ќе ја промовира професор д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје. Финансиски е поддржана од Министерството за култура и од општина Прилеп. На 130-ина страници, на македонски, англиски и на француски низ слика и збор се следи растежот и развојот на фестивалот кој го презентира богатиот македонски изворен фолклор во и надвор од земјава. Оваа манифестација е една од најмасовните во земјава и досега учествувале над 9.000 исполнители на изворен мелос од земјава и странство, рече Атанасовска-Вучиќ.
Утревечер на Рудина кај Долнени е првата фестивалска вечер. В сабота од 11 часот три групи учесници на три локалции во центарот на Прилеп ќе исполнат песни. В сабота напладне во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи трибина „Форми и содржини за презентација на изворниот фолклор“. Модератори на трибината се професор д-р Ѓоко Ѓорѓиев, професор Ана Марија Боја од Унгарија, проф. д-р Родна Величковска и професор Катерина Петровска-Кузманова од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, Захаринка Милосављевиќ и проф. д-р Илчо Јованов, декан на ФМУ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
В сабота вечер на Рудина кај Долнени е втората натпреварувачка вечер кога и ќе бидат прогласени најдобрите учесници на годинашново, јубилејно 40 издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Деновиве, од 2-ри до 5 јули во ученичкиот интернат „Орде Чопела“ се одржува Семинарот за изучување народни инструменти и изворен мелос, кој го води проф. д-р Ѓоко Ѓеорѓиев. Пристигнаа 18 учесници од Македонија, Бугарија и од Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


