Според препораките на ЕУ за енергетската ефикасност и користење обновливи извори на енергија, Македонија мора годишно да реновира 1,157 милиони метри квадратни станбен фонд од кои 838.000 метри приватен и 328.000 јавен. Затоа во градежниот сектор неопходни се 9.800 до 14.000 нови работници, 1.500 до 1.800 годишно, или оспособени од постојните за воведување мерки на енергетска ефикасност.
– Во овој момент не постои толкав потенцијал, Македонија не може да излезе во пресрет на тие барања за обука на работници. Затоа се даваат препораки колку средства да се бараат од ЕУ со што ќе се овозможи тренинг во насока на исполнување на потребните стандарди, вели Ристо Ивановски соработник на проектот Build up skills mk на состанокот во Стопанска комора.
Станува збор пред се занимања од областа на изградба на објектите, ѕидари, фасадери и инсталатери, како и за струки поврзани со инфраструктурата за енергија, електричари, изолатори.
Според првичните пресметки, за обука по работник, зависно од нивото на квалиикации, се неопходни 100 до 300 евра или 4,5 милиони евра за околу 1.500 лица.
Од оваа година е предвидено и доделување на првите т.н. енергетски пасоши за објектите кои ќе ги издаваат енергетски контролори чие, пак, работење ќе биде регулирано со правилници што наскоро треба да се донесат.
Согласно новата директива на ЕУ, од 1 јануари 2014 година секоја држава, вклучувајќи ја и нашата, ќе мора да спроведе најмалку три отсто енергетска ефикасност на годишно ниво, а до 2018 година треба да има имплементирано до 9 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.