| четврток, 6 декември 2018 |

„Визер“ тврди: Нема неправилности во договорот со аеродромот во Белград!

Нискотарифната унгарска авиокомпанија „Визер“ ги демантира сите наводи за штетност на договорите склучени со аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, заради кои денеска беше уапсен директорот на овој аеродром Велимир Радосављевиќ.

Во соопштението од компанијата се наведува дека патничкиот авиосообраќај на белградскиот аеродром бил зголемен за повеќе од 800% во периодот меѓу 2010 и 2013 година, додека вкупниот сообраќај на аеродромот во тој период се зголемил само за 31%.

„Ова, наспроти неточните тврдења, покажува дека токму „Визер“ беше моторот за раст на бројот на патници“, смета авиокомпанијата.

„За жал, српските патници и оние од другите земји кои летаат од Белград сега ќе имаат помал избор на летови, односно изборот ќе им биде стеснет на една опција – монополистот во обид „Етихад/Ер Србија“, се наведува во соопштението.

Унгарската авиокомпанија смета дека обвинувањата за штетен договор со белградскиот аеродром намерно доаѓаат во момент кога, како што тврдат, договорот на „Ер Србија“ со „Етихад“ е под лупа на ЕУ и кога Комисијата за контрола на државната помош на Србија објавила дека Етихад/Ер Србија им е одобрена нетранспарентна шема на субвенции, според која на аеродромот во Белград плаќаат речиси нула динари аеродромски такси.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top