Чешкиот европратеник Петр Мах, на првата сесија на Европскиот парламент во Стразбур го свртел грбот кон оркестарот, кој ја изведувал неофицијалната европска химна, објавија чешките медиуми.
Од видео снимката која беше објавена се гледа дека додека повеќето европратеници исправени оддваат почит за време на изведувањето на европската химна, Мах заедно со членовите на партијата УКИП, која се залага за излегување на Велика Британија од ЕУ се свртени со грб кон изведувачите.
Британските конзервативци пак, седат на своите столчиња, јави дописникот на МИА од Прага.
– Со тоа го изразивме нашето несогласување, кон раководството на ЕУ, кое не се грижи за тоа дека гласачите нешто на референдум отфрлиле како квази државни симболи. Сакавме да се изјасниме дека ние чувствуваме дека на таа песна не треба да и оддаваме почит, изјави за интернет порталот „Иднес“, евроскептикот Мах, член на партијата „Слободни”, кој неодамна беше избран за европратеник во Чешка.
УКИП, која ја одбива европската интеграција, со 24 пратеници е најголема партија во евроскептичната фракција „Европа, слобода и демократија”, во која членува и чешкиот европратеник.
Евроскептичните пратеници ја демонстрираа нивната непослушност по заседанието на кое за претседател на Европскиот парламент (ЕП) беше избран германскиот социјалдемократ Мартин Шулц. Бетовеновата деветта симфонија „Ода на радоста” иако со децении се изведува како европска химна сепак официјално не е службен симбол на Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.