
До крајот на годинава првиот од тројцата хирурзи од Македонија ќе замине на супспецијализација во Центарот за трансплантација во Кембриџ, Велика Британија. Потоа во период од шест месеци ќе оди вториот кандидат, а третиот кандидат ќе оди идната година. Идејата е по две години тие да се вратат како супспецијалисти од Кембриџ во делот на трансплантација на бубрег, црн дроб и мултитрансплантации, односно трансплантации на повеќе органи.
Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска во просториите на Министерството се сретна со претставници од Центарот за трансплантација во рамки на Универзитетот „Кембриџ“, односно со доктор Гавин Петигру, специjалист по абдоменална трансплантација, одговорен за супервизија на македонските доктори-хирурзи, и со проф. Оливера Ѓорѓимајкоска, клинички научник за трансплантација на органи и координатор за развој на кадаверична трансплантација.
– Минатата година потпишавме меморандум со Кембриџ за испраќање наши доктори за супспецијализација за трансплантација во овој врвен универзитет во Англија и еден од најдобрите во светот. На презентацијата, која ја имаа пред нашите доктори, имаше осум заинтересирани кандидати, од кои пет беа на интервју. Мислам дека овој пат ќе имаме кандидат кој можеби ќе ги исполни условите и ќе биде прифатен од Кембриџ за супспецијализија – рече Тодоров.
Тодоров истакна дека државата ги покрива патните трошоци на докторите, трошоците за престој и определен надомест во висина од 1.500 евра месечно за тие што ќе бидат примени.
– Кембриџ ја покрива целата специјализација – додаде Тодоров.
Центарот за трансплантација во рамки на Универзитетот во Кембриџ претставува национално дизајниран трансплантен оддел за црн дроб, панкреас и трансплантација на тенко црево, каде што годишно се извршуваат над 90 трансплантации на црн дроб, над 190 бубрежни трансплантации, 40 трансплантации на панкреас и повеќе мулти/висцерални, на тенко црево трансплантации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Нов скандал во здравството: Отпадна најквалификуваната сестра, прва на листа, а се вработи последната
-
Панчо лут по приемот на Инфективна: Ако немаш врски на лекар, Господ нека ти е на помош!
-
Лекарите се налутија: Не го прифаќаат зголемувањето од 5 отсто


