Министерството за труд и социјална политика поведе дисциплински постапки или иницијативи за дисциплински постапки за сите стручни лица кои на каков било начин биле вклучени во случајот со глувонемото дете кое беше сместено во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“. Ќе се ревидира и наодот за категоризација на степенот и вид на попреченост на детето.
– Случајот темелно го испитуваше социјална инспекција во рамките на МТСП, која за сето она што се потврди како недостаток или несоодветно постапување на службите презеде соодветна иницијатива за покренување дисциплински постапки на сите стручни работници кои постапувале по овој предмет, односно и за вработените во Центарот за социјални работи во Битола поради несоодветно и ненавремено постапување – рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Тој појасни дека по овој предмет, исто така, е покрената иницијатива за дисциплинска постапка против вработените кои несоодветно се грижеле за детето во „Бања Банско“, а оти дополнително и во рамките на МТСП е покрената дисциплинска постапка против службите и лицата кои работеле на овој предмет.
– Дополнително, исто така по препораки на социјалната инспекција, формирана е комисија за ревизија на наодот и мислењето кое што е издадено од повеќе лекари специјалисти кои ја извршиле категоризацијата на детето за вид и степен на попреченост со цел да провериме дали е таа направена во согласност со законот и во согласност со процедурите, онака како што треба – истакна министерот Спасов.
Тој информира дека дополнително по ревизијата на наодот и Министерството ќе преземе дополнителни активности во овој случај.
– Во секој случај овој предмет ќе го следиме со целосно внимание понатаму, детално се испитува постапката. Засега овие активности се преземени по овој предмет со цел да не се повторуваат вакви случаи во иднина. Социјалната инспекција ќе направи темелна контрола во сите институции при што згрижуваат деца со пречки во развојот за да се испита нивното постапување, нивната работа и однапред навремено да се коригираат одредени околности доколку има потреба – рече министерот за труд и социјална политика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МТСП: Тепаното двегодишно дете e добрo и денеска ќе биде пуштено дома
-
МТСП: Утврдени прекршувања на законот, ќе има кривични и прекршочни пријави за случајот на Р.И.
-
Интеграција, а не дискриминација на децата со попреченост
-
Ибрахими: Владата ќе одлучи дали ќе го продолжи рокот за привремено сместување на лицата чии домови беа поплавени


