Големиот музички настан „Аквапарк фестивал“, кој своето премиерно и исклучително успешно издание го имаше минатата година во Пробиштип, оваа година го подготвува своето второ издание. Спектакуларното дводневно доживување оваа година ќе се одржи на 28 и 29 август, на истата локација, аквапаркот во Пробиштип и тоа со уште попозитивно, поуспешно и повесело издание.
Главни ѕвезди на „Аквапарк фестивал 2014“ ќе бидат несомнено водечките музички имиња кај нас, а фестивалот ќе биде домаќин и на докажани артисти од регионот и повеќе светски музички ѕвезди. За време на двата фестивалски дена, посетителите ќе можат да уживаат 24/7 во музичката програма која ќе биде презентирана на повеќе фестивалски сцени, од страна на повеќе од 20 артисти.
Но, „Аквапарк фест“ претставува многу повеќе од само добра музика.
И оваа година во програмата се вклучени и кинопроекции, арт инсталации, работилници, а низ разни активности ќе понуди и можност да научите подобро да се грижите за природата.
На фестивалот посетителите ќе можат бесплатно да уживаат и во водените атракции, базени и тобогани на аквапаркот, а ќе биде овозможен и бесплатен интернет за сите посетители.
Првото издание на „Аквапарк фест“ привлече повеќе од 15.000 млади луѓе, кои со својата позитивна енергија создадоа одлична атмосфера.
Наскоро ќе бидат објавени деталите од програмата за годинашното издание на фестивалот, а влезниците ќе можат да се купат во продажната мрежа на МКтикетс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


