Најмалку четири лица се убиени и пет ранети при гранатирање на градот Краматорск, во источната украинска донецка област, пренесе ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на локалните власти.
Ова се први жртви во Украина откако претседателот Петро Порошенко во текот на ноќта го прекина примирјето во југоисточниот дел на земјата и го најави обновувањето на операцијата на силите за безбедност против проруските сепаратисти.
– Антитерористичката операција во Украина беше обновена утринава – потврди претседателот на Врховната рада, Олександар Турчинов, цитиран од француските медиуми.
Турчинов на отворањето на седницата на еднодомниот парламент изјави дека украинските вооружени сили изведуваат напади врз базите и бастионите на терористите, како што украинските власти ги нарекуваат проруските сепаратисти во југоисточниот дел на земјата.
Украинската армија со авијација и со артилерија ги гаѓа позициите на бунтовниците на истокот од земјата, пренесе претходно ИТАР-ТАСС.
Неколку гранати експлодирале и во градот Луганск. Нема настрадани.
Украинските медиуми соопштуваат за пукање во текот на ноќта и во Донецк, но ситуацијата во градот засега била мирна.
Украинското Министерство за надворешни работи ги обвини проруските сепаратисти дека 108 пати го нарушиле примирјето што беше прогласено на 20 јуни, пренесе уште ИТАР-ТАСС. Оттогаш биле убиени 27 и ранети 69 украински војници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.