| четврток, 6 декември 2018 |

Грција се вознемири од платежната картичка на ОМД со ликот на Александар Велики

Обединетата македонска дијаспора навлезе и во пазарот на финансиски услуги и лансира своја кредитна картичка „Виза Платинум картичка за награди“ со ликот на Александар Велики, јавуваат грчките медиуми за кои ова е „уште еден обид за фалсификување на историјата“ и „сериозен предизвик од Скопје“. Информативниот портал „ЊузНау“ ја повикал грчката Влада да се обрати до меѓународен суд за да го откаже издавањето на кредитната картичка.

„Според ОМД, приходите од кредитната картичка, на која има портрет на Александар Велики,  ќе се користат за различни цели, образовни и добротворни програми на ОМД воспоставени со цел да се зајакне единството меѓу македонскиот народ и за поддршка на нивната кауза“, пишува весникот на Грците во Австралија „Неос Космос“ чија информација ја пренесуваат медиумите во Грција.

Весникот наведува дека меѓу другите бенефиции,картичката нуди пристап до интернет банкарство, изнајмување возила и патничко осигурување. Сопствениците на картичката, кои можат да добијат наградни поени за купување кај некои трговци на мало, се поканети „да покажат поддршка и гордост за Обединетата македонска дијаспора со избирање на еден од дизајните на картичката.

За Питер Јасонидес од австралискиот грчки Совет, кој е највисокото репрезентативно тело на грчката заедница во Австралија, потегот на ОМД е „уште една провокација“.

–       Јас сметам дека тие треба да го трошат своето време на сопствена едукација за историјата и за своите корени, а не на залажување самите себеси. Тие не треба да се срамат од своето културно наследство.  Треба да го прифатат, изјавил Јасонидес.

Австралискиот грчки Совет најверојатно ќе поднесе формална жалба до „Виза“ поради употребата на сликата на Александар Велики.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top