| четврток, 6 декември 2018 |

Бојкот на македонските кошаркарски репрезентативци

Здружението на кошаркари на Македонија (ЗКМ) ќе го бојкотира првиот собир на репрезентацијата на Македонија за подготовките за квалификациите за Европското првенство. Репрезентативците нема да се појават на првиот собир на новиот селектор Александар Џикиќ поради револт од донесувањето на одлуката за дозволен број странци во еден тим. Оваа одлука ја донесе КФМ, а е против волјата на македонските кошаркари кои играат во македонското првенство.
Во соопштението стои дека репрезентативците кои ќе бидат повикани од страна на селекторот нема да тренираат сѐ додека федерацијата не ја промени одлуката и место шест странци секој од тимовите да има по четири странци во ростер и три на еден натпревар.
Во продолжение ви го пренесуваме писмото од ЗМК во целост.

– Ова писмо се доставува до одговорните лица на македонската кошарка, како највлијателно тело одговорно директно за развојот на македонската кошарка, а со тоа и на македонската кошаркарска репрезентација. Поттикот да се размислува што ќе се случува со иднината на кошарката во државата, откако е донесено новото правило кое дозволува настап на 6 странци без ограничувања, е решено да се делува на единствениот начин кој ќе покаже како ќе изгледа нашата репрезентација за неколку години.

Со други зборови, репрезентативците, поддржани од сите македонски играчи од Здружението на кошаркарски играчи на Македонија, нема да се појават на првиот собир на репрезентацијата. Овој револт има симболика која покажува какви капацитети би имала репрезентацијата за неколку години, доколку ова правило стапи во сила.

Кошаркарите се децидни дека нема да присуствуваат на тренинзите на репрезентацијата, сѐ додека одговорните лица од МКФ не преземат мерки за укинување на правилото за 6 странци. Ставот на кошаркарите е конечен, а барањата се следниве:

– Укинување на правилото за 6 странци

– Воведување на правило за 4 странци во ростер, но максимум 3 на терен

– Градитивна такса за странци: 500 евра за прв странец, 1000 евра за втор, 2000 за трет итн. (ова е барање со кое се заштитуваат странските играчи, барање со кое нема да можат да бидат менувани често заради висината на таксата)

– Вклучување по минимум 2 играчи од младинските состави во првиот тим

– Вработување на квалитетни кадри во кошаркарската академија и сериозен пристап во истата

Откако МКФ ќе почне да ги застапува ставовите на своите играчи, а не на самоволието на клубовите, репрезентативците ќе се вратат на тренинзите и ќе го дадат максимумот за државата. Се очекува соработка од луѓето кои ја водат кошарката, бидејќи во спротивно, иднината на кошарката ќе биде со катастрофални размери.

Писмото е напишано од Здружението на кошаркарски играчи до МКФ и нема никакви лични мотиви. Сите мотиви се од национален интерес и за подобро утре на македонската кошарка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top