| четврток, 6 декември 2018 |

„Татко“ ќе се снима од среда

film1Од среда во Охрид ќе почне снимањето на играниот филм „Татко“ – копродукција меѓу Германија, Косово и Македонија, а режисерско деби на Висар Морина, кој е и автор на сценариото.

„Татко“, преку уникатниот лик на Нори, десетгодишното момче кое е приморано прерано да созрее, дава еден поинаков приказ на Косово во деведесетите години на минатиот век. Нори претрпува големи загуби и храбро се соочува со потезите на судбината. Но, по прераната смрт на неговата мајка, тој не може да прифати да биде напуштен и од својот татко Гзим. Нориевата детска истрајност покажува екстремна длабочина, што ја издигнува над приказната на еден бегалец или политичкиот контекст на Косово.

Скопје Филм Студио, Нико Филм од Германија и Круша Продуксиони од Косово се продукциските куќи одговорни за реализација на проектот „Татко“. Филмот има поддршка и од повеќе национални филмски фондови: West German Broadcasting (WDR), Film und Medienstiftung (NRW), German Federal Film Board (FFA), Косовскиот Филмски Центар и Агенцијата за филм на Република Македонија.

На филмот работи интернационална екипа, во која секоја од земјите копродуценти е застапена со свои автори.

– Охрид и околината беа одбрани како најсоодветни за сцените чие снимање беше предвидено да се одвива на територијата на Македонија, а на екипата најголем предизвик ќе и бидат специјалните ноќни сцени во водите на Охридското Езеро, информира Скопје Филм Студио.

Скопје Филм Студио и членовите на екипата од Македонија, како што се наведува, ги создадоа сите неопходни услови за еднонеделното снимање на филмот, кој доби поддршка од општина Охрид, Министерството за одбрана и Генералштаб на АРМ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Капетанија на пристаништата Охрид, како и од Агенцијата за филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top