Во училиштето на животот нема распуст – секој ден е нова лекција – вели 42-годишната Андреа Јакимовска, една од првите трансвестити во Македонија, пишува Дневник. Нејзината појава не може никого да остави рамнодушен, особено во Тетовско, каде што живее. Висока кокетна русокоса, со припиени фармерки и високи женски потпетици, дискретно нашминкана со раскошно деколте, вози автомобил како вистински маж, а грациозно оди како вистинска дама.
Немам пари за алиментација
Андреа повеќе од 20 години живее како транссексуалец. Имала семејство, две деца, поранешна сопруга, која ја напуштила, а децата не ги видела со месеци. Тие останале кај мајката. Андреа вели дека поради изгледот постојано е омаловажувана, не можела да си ги оствари ниту основните потреби. Била исфрлувана од тетовската болница, омаловажувана од државни службеници, тепана. Тврди дека постојано е во полициската станица и во судот и оти денот не и поминува без стрес.
Тоа е Андреа, полна со контрадикторности, но во едно е сигурна, таа е женска личност и во исто време несреќен татко на две деца.
Раскажува дека откако го сменила полот, не и дозволуваат никаков контакт со децата.
– Моите солзи се мои океани, многу се исплакав последниве неколку години. Сешто преживеав и, еве, пак сум на нозе. Навредувана и честопати тепана. А, јас само сакам да живеам и да бидам со моите деца. Точно, не плаќам алиментација за моите деца. Ама како да платам? Да продадам бубрег? Не работам и немам пари. Живеам во Тетовско, сите се познаваат меѓусебе, има многу табуа и срам меѓу луѓето, затоа никој не сака јавно да си има работа со мене. Ќе го озборуваат. Точно е, бев маж, сега сум жена, што има тука толку страшно – вели Андреа.
Оваа жена, која се родила како маж, вели се чувстува како Дон Kихот, кој низ Тетово трага по својата вистина, во средина каде што и бојата на панталони може да предизвика озборување.
Ќерка ми е лек за мојата мака
Заробена во средината во која живее, но и во минатото, кога била сопруг и татко на две деца, вели дека дека само еден поглед или збор од неговата ќерка ќе избрише милиони хормонски апчиња, гради, здолништа, потпетици и живот што многумина не го разбираат.
– Ќе станам повторно маж. Само да ме погледнат моите деца. Двете многу ги сакам. Но, постарото ми е слабост, оти е прво и оти кога ја зедов првпат в раце, знаев што е вистинска љубов, меѓу родител и дете. Најголема желба ми е децата да си дојдат дома, кај мене.
Бев во Холандија и првпат се чувствував слободна во тоа што сум јас. Се вратив во Тетово за да одам на суд. Ме тужат оти не плаќам алиментација – вели Андреа, додека со рацете наредени со прстени ја поправа својата фризура и продолжува.
– Моите деца ми припаѓаат мене, јас сум нивниот биолошки татко. Децата не ме мразат, туку се затруени со малограѓанштина. Од 2011 година не ме оставаат на раат, под постојан притисок живеам. Зошто да не си ги гледам децата, ги сакам, моето срце чука само за нив. Не можам без нив, но јас не можам ниту да се обидам да им се приближам, оти секој мој чекор погрешно се толкува. Никогаш не се откажувам од нив, а в затвор не одам на правдина – вели Андреа.
Чувствувам дека ме гледаат како предмет
Тврди дека не се плаши за себе и оти има намера да живее како што се чувстува. Сепак, додава, оваа средина не е погодна за трансвеститите и оти не би сакала ако некое од двете деца еден ден помисли да го промени полот.
– Искрено, мене нема да ми биде право ако син ми еден ден рече – јас сум жена. Затоа што кај нас секогаш се прашуваме зошто баш моето дете. Оваа средина не е либерална. Само јас знам од што живеам, барам пари од моите родители, возам автомобил од пријатели. Ако еден човек живее со моите проблеми, ќе полуди. Се чувствувам како да сум предмет, како јас да не постојам како живо суштество. Значи јас сум сепак како сите други. Нормална, интелигентна, паметна, која нема предрасуди кон никој – вели Андреа.
Јас сум жена што сака жени
– Со сопругата се запознав во 1992, во едно тетовско село. Мојата сексуална ориентација е комплицирана, мажи не ме интересираат, сакам жени. Јас сум жена што сака жени. По професија сум медицинска сестра, но се занимавав со музика, свирам клавијатура и пеам.
Kога јас би се родила како жена, би била лезбијка. Имам гради, но мојот полов орган е машки, па имам и девојка. Сексуалноста не се наоѓа меѓу нозете, туку во хипофизата, таму е важно што си. Не сакам да останам без мојот пенис, оти сум слушала многу лоши искуства на луѓе што направиле операција на полот. Градите ми се доволни да сум жена. Сакам негувани жени, тие што знаат да се облечат да се средат, да привлечат машко око. Немам ништо против деколте, всушност со големо задоволство го носам – вели Андреа додека ја потргнува блузата од која бувнуваат големите гради
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



