Од утре, повисока цена ќе имаат цигарите, струјата и горивата. Со зголемување на акцизата за цигари за 0,15, односно 0,20 денари годишно до 2023 година цената на цигарите што се продаваат по 50 денари би требало да чинат 90 денари.
Данокот и акцизата учествуваат во структурата на малопродажната цена на цигарите со 75 отсто.
Сепак, не е најавено конкретно колкаво ќе биде поскапувањето.
Колку ќе се зголеми цената на струјата треба утре да соопшти Регулаторната комисија за енергетика, која ги заврши пресметките за корекција на цената, според доставените извештаи на енергетските компании. Според неофицијални информации, електричната енергија за домаќинствата ќе биде поскапа за околу 3,5 отсто, бидејќи енергетските компании ЕВН Македонија, ЕЛЕМ и МЕПСО прикажале зголемени трошоци и инвестиции во работењето. Па, зависно од нивната висина и од оправданоста што ќе ја утврди Регулаторна, ќе биде определен и процентот на корекција на досегашната цена.
Денеска, Регулаторната комисија треба да ги соопшти и новите цени на горивата, кои се очекува да бидат повисоки. Пред две недели цената на бензините беше зголемена за 0,5 денари, додека цените кај дизелот останаа непроменети. Но, со оглед на тоа што цената на нафтата на светските берзи во последните недели растеше, пред сѐ поради војната во Ирак, се очекува тоа да се рефлектира и врз зголемување на цените на нафтените деривати во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.