
Очекувањата на македонското население од револуционерното движење, многу реално, ни ги пренел елинизираниот Влав од Битола и подоцнежен грчки историчар, Георгиос Модис. Во неговите дела со восхит и своевидно идеализирање, напишал:
„Кога бев мал, мислев дека станува збор за нешто магично и прашував… што претставува тој (мислејќи на Комитетот, како што авторот ја нарекувал МРО, б.н.)… Ги сметав за полубогови… Оставаше впечаток дека треба да очекуваме многу работи од нив“. Согледувајќи ја вистинската програма на организацијата, тој говори дека во неа имало место за сите поробени христијани и дека нејзината борбата била посветена на целото македонско население, „паролата им беше ’Македонија на Македонците’ и неуморно го вееја тоа знаме… Сите беа браќа во страдањето и очекуваниот спас… Можеа да учествуваат сите што беа измачени и страдаа, сите со исти права и должности“.
Без сомневање, продолжува Модис,
„единствена беше смртната омраза кон Турците и нив ги посакуваа за свои противници“, заклучувајќи дека целта била отстранување на османлискиот режим, кој пет века спроведувал најразлични „злодела врз христијанското население“. Ваквото сведоштво на Модис целосно се вклопува со првите два члена од Уставот на МРО од 1896 година, во кои се бара „сплотувањето во едно цело на сите незадоволни елементи во Македонија и во Одринско, без разлика на народноста, за извојување низ револуција целосна политичка автономија…“, како и борбата на организацијата против разните национални расправии „кои го разединуваат и ги ослабнуваат македонското и одринското население во неговата борба против општиот непријател“.
Македонската револуционерна организација, паралелно со ширењето на организациската мрежа, почнала да се подготвува за вооружен начин на дејствување. Според чл.11 од Уставот на ТМОРО од 1897 година било предвидено создавање четничка институција, а најзаслужен за реализирање на оваа одлука бил Гоце Делчев. Вооружувањето на населението и спроведување на споменатото решение претставувале логичен развој на настаните во согласност со планот на организацијата за кревање вооружено востание против османлиската власт во Македонија.
Македонската револуционерна организација како резултат на нејзиното масовизирање, формирањето голем број илегални комитети, зголемената раздвиженост, создавањето канали за пренесување оружје, но и активноста на соседните големодржавни пропаганди во Македонија, постепено почнала да ја губи својата конспиративност. Османлиската власт го констатира нејзиното постоење по Виничката провала од 1897 година. До предилинденскиот период се случиле уште неколку провали, кои предизвикале негативни последици по револуционерното движење.
Во оваа фаза од развојот исклучителна улога имало ЗП на МРО во Софија под раководство на Г. Делчев и на Ѓ. Петров. Активноста на двајцата била насочена во повеќе насоки. Потребата од финансиски средства бил хроничен проблем, кој ЗП се надевало дека, донекаде, ќе го реши со парите на македонската емиграција во Бугарија. Особена заслуга оваа постава на задграничното претставништво на МРО имала во екипирањето, снабдувањето и испраќањето на агитациско-организациски чети во Македонија, како и набавување на оружје и на муниција за потребите на револуционерното движење и негово пренесување преку илегалните канали на организацијата. Без никакво двоумење може да се заклучи дека ЗП во Софија, во тој период, ја имал водечката улога во организирање на движењето, потиснувајќи го на тој начин во втор план ЦК на МРО.
Во изнаоѓањето начини за добивање финансиски средства за потребите на организацијата, пред сѐ, за купување оружје и муниција, МРО се реши за киднапирање видни претставници на османлиската власт, како и на секој од кого се надевале дека може да се изнудат пари. По неколку неуспешни обиди, од втората половина на 1901 година – до февруари 1902 година се одвивала познатата афера „Мис Стоун“. Со грабнувањето на американската мисионерка Елена Стоун, организацијата и македонското прашање добиле меѓународен публицитет. Финансиските средства добиени од нејзиниот откуп, во најголем дел, биле потрошени во одбивањето на нападите од страна на соседните големодржавни пропаганди, пред сѐ бугарската.

Елена Стоун – со грабнувањето на американската мисионерка МРО добила меѓународен публицитет
Третата и последна фаза од развојот на МРО во предилинденскиот период, хронолошки, иако била најкратка, по својата динамичност и историски настани се покажала како клучна во натамошниот развој на револуционерното движење. Во граничните окрузи овој едногодишен период бил исполнет со постојани судири на МРО со четите на ВМК. Отворената војна против македонското националноослободително и револуционерно движење се должела во обидот за завладување на териториите и на населението, кои веќе биле организирани од Внатрешната организација. Во овој период се појавила и т.н. селска милиција, која го зголемила борбениот потенцијал на организацијата. Кулминација на желбата за четничкото инсталирање на бугарската пропаганда во Македонија се случило есента 1902 година. Вооружената паравоена провокација, или попозната во историјата како „Горноџумајско востание“, имала за цел повторно и понагласено да ги актуализира аспирациите на Бугарија кон Македонија. Тежиштето на ова навлегување, разбирливо, било во пограничните реони на Македонија со Кнежеството Бугарија, но синхронизирано имало обид за дејствување и во југозападна Македонија. Во овие предели паравоените формации биле предводени од полковникот Анастас Јанков.
Како и да е, организацијата, како резултат на неколкуте провали едноподруго, останала без голем број на истакнати дејци. Од друга страна, тоа предизвикало штетни последици во нејзиниот натамошен развоен пат. Во врвот постепено се инсталирале луѓе блиски до бугарската егзархиска пропаганда, кои го „туркале“ движењето кон едно предвремено организирано востание. Користејќи ја врховистичката вооружена провокација од 1902 година и шпекулациите за нејзино повторување, тогашниот претседател на ЦК на МРО, Иван Гарванов, во јануари 1903 година одржал нерегуларен Конгрес, на кој било решено во пролетта 1903 година да се крене востание во Македонија, а окружните комитети за спроведување на решението и за извршување на неопходните подготовки биле задолжени да одржат конгреси.
На конгресот во Солун учествувале претставници од вториот и од третиот ешалон на организацијата. Членови, кои малку биле запознаени со вистинската состојба на движењето на терен, но и со меѓународното расположение кон македонското прашање. Реакцијата за солунското решение многу брзо пристигнала од Софија, од состанокот на највисоките претставници на МРО, кои во тој период се наоѓале во Бугарија. Гоце Делчев и Ѓ. Петров, со нивните истомисленици, остро се спротивставиле на одлуката за предвремено кревање востание. За таа цел, Делчев со чета влегол во Македонија, решен до крај да се бори за своите ставови. Надежта ја гледал во средбата со Д. Груев во Солун. Но, последниот, штотуку излезен од затвор, незапознаен доволно со состојбите во Македонија, ги одбил барањата на Делчев. Напуштајќи го Солун, Делчев се упатил на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. На 4 мај 1903 година во Баница, предаден и во судир со османлиската војска, загинал првиот меѓу еднаквите на Македонското ослободително движење, Гоце Делчев. Неколку денови пред овој настан се случиле атентатите во Солун изведени од група млади македонски анархисти, или во историјата попознати како „гемиџии“.
Конечната одлука, по која немало враќање, а настаните неповратно тргнале кон востание, се случила на Конгресот на Битолскиот револуционерен округ. Тој се одржал во Смилево од 2 до 7 мај 1903 година и на него било потврдено решението на солунскиот конгрес од јануари 1903 година. Грчкиот историчар Василиос Гунарис за десетгодишниот предилинденски период на функционирањето на македонското националноослободително и револуционерно движење, напишал дека МРО:
„имајќи ја целосната иницијатива на движењето, се обиде и успеа во текот на десет години, да создаде сериозно дело на револуционерна основа. [Таа успеа да] организира една успешна и доволно цврста мрежа на соработници и се погрижи… за создавањето на економски и други материјални резерви, особено во оружје и муниција, кои беа неопходни за идниот бунт. И на крајот, најважното, [организациски] водеше сметка за проширување на соодветна револуционерна идеологија…“.
Македонската револуционерна организација во споменатиот период се појавила и дејствувала според поставените цели за здобивање национална, политичка, културна, економска и верска самостојност на македонското население. Во нејзините развојни фази јасно се гледаат позитивните и одредени негативни страни на организациското дејствување, кое се појавило во специфичните услови на македонското поднебје. Организацијата морала да наоѓа сопствен, а во многу случаи и уникатен начин на дејствување, многу пати приспособувајќи се или, пак, конфронтирајќи се со најразновидни појави, процеси, и настани предизвикани од најразлични внатрешни и надворешни фактори.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја


