Вчерашниот пожар во фабриката за кондиторски производи „Виго-48“ во Битола, позната како поранешен „Прогрес“, според првичните процени, предизвикал штета од 5 милиони евра. Огнот го проголта објектот, производствените погони, машините, сировината и готовите производи наменети за домашниот пазар и за извоз. Без работа останаа 200 вработени, а дали производството ќе се рестартира, сѐ уште не се знае иако, според одговорните, фабриката била осигурена.
Станува збор за најопасен и најтежок пожар за интервенција што досега се случил на објект во Битола, велат од Територијалната противпожарна единица.
Покрај гасењето на огнот пожарникарите биле сконцентрирани на обезбедување на цистерната со плин во кругот на фабриката. Во текот на ноќта се слушале експлозии од помали плински боци во внатрешноста на објектот, како и екслозии на сировината. Она што придонело за брзо ширење на пламените јзици, покрај ветрот, е лесно запаливиот градежен материјал во покривната конструкција.
Пожарот во „Виго-48“ избувна вчера околу 14 часот, по што беа евакуирани сите вработени. Огнот беше локализран во 18 часот, а во текот на гаснењето еден пожарникар се затрул од чадот. По лекарската интервенција, тој се чувствува добро. И денеска на терен се противпожарните екипи, а на некои места сѐ уште се забележува чад од фабриката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.