Дваесет илјади евра за првото место, а петнаесет и десет илјади за второто, односно третото место, беа повеќе од доволна мотивација за македонските пејачи да се вратат во Штип. Оркестарот на Македонската радио-телевизија, средената сцена и новиот начин на гласање беа само причина повеќе за „Макфест“ повторно да се доближи до тоа како би требало да изгледа еден фестивал со најдолга традиција во земјава.
Со Биба Додева почнува пишувањето на една подобра историја на македонскиот музички фестивал, на што таа е особено горда.
Шестотини гласа повеќе може да се нарече убедлива победа. Нормално е дека секој се надева на првото место, но бевте ли изненадена од наградата?
Додева: Нормално дека бев изненадена. Како што кажавте, секој доаѓа со надеж и со желба да победи, особено кога се работи за фестивал од натпреварувачки карактер. Не постои некој што не верува во својата песна и не посакува награда. Но, секогаш постои фактот дека исходот не се знае до последен момент.
Како најдобра на „Макфест“ веќе вторпат заминувате од Штип. Принципот на гласање од 2002 година, кога го освоивте првото место со „Кажи љубов“ и кога гласаше само публиката во салата, годинава е променет. Сметате ли дека вака, кога гласаат сите гледачи на фестивалот, се дава појасна слика за милениците на публиката?
Додева: Фестивалите се за публиката. Ние им нудиме песни ним, а тие си го кажуваат своето мислење и го прават изборот. Сѐ си има свои добри и лоши страни. Со ваквиот начин на гласање им се овозможува на повеќето граѓани што ги следат нашите настапи да дадат свој придонес во победата и да го скројат општото мислење, а не само на тие што купиле влезници за настанот.
Покрај гласањето, фестивалот претрпи и други големи промени. Наместо есенски, сега е пролетен фестивал, со импресивни награди. Наместо матрица, сега пејачите се придружени од искусен и броен оркестар. Според Вас, колку беше потребен тој чекор за „Макфест“?
Додева: За секој вистински пејач е предизвик да пее со ревијален оркестар, и тоа е едно непроценливо искуство. Мојот прв јавен настап во 1998 година на „Скопскиот фестивал“ беше придружуван од ваков оркестар и навистина ми е мило што повторно имав можност да настапувам со сите музичари што беа на сцената. Промената во однос на временскиот период и мене ме изненади, но, сепак, тоа се работи и пропозиции што ги одлучува некој друг, а наше е дали ќе учествуваме и ќе ги прифатиме тие работи или не. Јас сум пејач што преферира да пее со музичка група, така што оваа промена многу ми се допадна. А, што се однесува до наградите, само ќе кажам дека, секако, се дополнителна мотивација за што повеќе композитори да се вклучат во фестивалот, иако ми е мило што имаше и такви со кои сме учествувале на македонските фестивали и кога наградата била само направена од дрво.
Дваесет илјади евра се голема мотивација за еден музичар. Сигурно веќе имате некакви планови за тоа каде ќе замине поголемиот дел од наградата.
Додева: Откако ќе го платам персоналниот данок од 11 проценти, остануваат 17.800 евра кои, секако, не ми припаѓаат целосно мене, ама, во секој случај, веќе почнувам да правам планови како ќе ги потрошам.
Среде Вашиот настап за малку ќе ви се случеше незгода. Сметате ли дека сопката Ви донесе среќа, односно суеверни ли сте?
Додева: Јас сум позната по тоа дека знам да се сопнам среде сцена, на рамно (се смее). Мајка ми дури често се шегува со мене дека треба да ми месат од оние колачиња што се месат за бебиња кога проодуваат за да не ми се случува тоа веќе.
Сепак, имав добри АБС сопирачки на потпетиците, па добро се снајдов на крај. Инаку, не верувам јас во суеверија, верувам дека секогаш има причина зошто се случуваат некои работи.
Не можеме да зборуваме за враќање бидејќи, суптилно, Вие постојано сте на музичката сцена. Но, значи ли победата на „Макфест“ дека ќе ве има поагресивно со нови песни и албуми?
Додева: Секако дека ќе има нови песни, но јас никогаш не сум се доживувала како премногу амбициозна и агресивна во однос на мојата музичка кариера. Се појавувам само кога имам да кажам нешто музички. Со тек на годините поминати на македонската сцена научив кога е вистински момент за да го покажам тоа. Сепак, за мене музиката е уметност, а уметноста сама по себе не е агресивна и бара инспирација.
„Борка“ станува синоним за македонската борба против ракот на дојка. Здружението е сѐ поголемо и повлијателно, а свесноста кај граѓаните е на сѐ повисоко ниво токму поради Вас ,без каква било скромност. На кој успех сте исклучително горда?
Додева: Кај жените е најчест, и да го наречам најпопуларен, ракот на дојка, но „Борка“ е здружение за борба против сите видови рак. Многу сум среќна што успеавме, заедно со целиот тим во „Борка“ да бидеме иницијатори во менување и подигање на свесноста на граѓаните за оваа болест, на институциите за потребата од промени во здравствениот систем, сѐ со цел пациентот да е во центарот на здравствениот систем, воведување опортунистички програми за скенирање и разбивање на табуто од ракот како болест и стереотипите кои постоеја за нашите граѓани. Но, свесни сме дека имаме уште многу, многу работа за да биде така како што ние сметаме дека пациентите заслужуваат бидејќи здравјето не треба да биде ексклузивитет за никого. И затоа оној момент кога ќе го постигнам тоа, ќе бидам вистински горда.
Со огромна брзина се рашири информацијата дека Биба Додева повторно е вљубена. Јавноста секогаш е ненаситна кога станува збор за приватниот живот на познатите, па неизбежно е и ова прашање. Се чувствувате ли среќно?
Додева: Свесна сум дека мојата професија е јавна, но мојот приватен живот е само мој. Ама еве, колку за да ја задоволиме желбата за информации, не сум вљубена во никого, ама се трудам да бидам среќна секој момент и да му се радувам на животот.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.