На денот на погребот на актерот Бранко Ѓорчев на профилот на еден граѓански активист на социјалната мрежа Фејсбук се поведе крајно несоодветна дебата за тоа каков актер и каков човек бил еден од најталентираните македонски актери од поновата генерација.
Дискусијата започна откако на профил фејсбук на негова познаничка беше поставен постот:
„ Да не заборавиме – Бранко Ѓорчев (1962 – 2013) беше брилијантен актер, со исклучителен сензибилитет, далбока интелектуална проникливост, култура на сценски гест и говор и неверојатно широк актерски регистар и дијапазон. Театар на апсурдот, гротеска, драма, трагедија, комедија… се’ беше еднакво за големиот актер Бранко Ѓорчев. Tеатарот, онаа затворена кутија каде што недостасува четвртиот ѕид, требаше да биде и да остане уште многу години неговата вистинска сцена… почивај во мир, успокој се… а ние да не го заборавиме Бранко Ѓорчев, АКТЕРОТ…“.
На овој пост се надоврзува негова колешка, актерка и режисер со иницијали МЛ која започна дебата со тврдење дека Ѓорчев никогаш не бил голем актер а смртта уште помалку ќе го направела таков. Актерката и режисер МЛ вели дека Ѓорчев од секогаш го доживувала како безличен, бездарен и потпросечен актер.
Во дискусијата за ликот и делото на Ѓорчев подоцна се вклучуваат и неколку други колеги. Тие покрај несогласувањето со оценките за неговите актерските капацитети, бараат, во моментите кога неговите најблиски се во најголема болка, да има воздржување од напади против актерот.
И покрај тоа актерката и режисер ЛМ, не отстапува од својот став кој го дополнува со тезата според која кога Македонците би имале култура на искреност во смртта, би биле подоблесни додека се живи и посовесни за тоа што прават додека се живи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


