| четврток, 6 декември 2018 |

Бесплатни прегледи во специјализирани нефролошки амбуланти од следниот месец

todorov-doktorot500

Со цел рано откривање на хронична бубрежна болест кај пациентите од јули годинава ќе почнаат да функционираат специјализирани нефролошки пунктови низ целата држава.

Ова денеска го посочи министерот за здравство Никола Тодоров, кој додаде дека прегледите во овие нефролошки амбуланти ќе бидат бесплатни за сите пациенти.

– Раното откривање на хронична бубрежна болест е главен предуслов за успешно спречување на губење на функцијата на бубрезите и намалување на сите фактори на ризик за ова заболување – рече Тодоров.

Според ресорниот министер, посебно загрижува податокот за пораст на бројот на пациенти во раните фази на хронично бубрежна болест, кај кои е забележан значително поголем кардиоваскуларен ризик.

Инциденцата на ова заболување кај нас и во светот перманентно расте од 90 до 250 заболени на еден милион жители, односно годишно од оваа болест заболуваат по неколку стотини луѓе.

– Статистичките податоци покажуваат дека кај сè поголем број пациентии се открива напредна бубрежна инсуфициенција, без претходни сиптоми или познати бубрежни заболувања и без лекување што би можело да влијае во текот на болеста – истакна Тодоров.

Тој додаде дека во тек е известувањето на матичните лекари за постоењето на овие специјализирани нефролошки пунктови.

Појасни дека во јули пациентите ќе може да направат превентивен преглед во Здравствена станица Железара-Скопје, каде што два дена во неделата ќе работи нефролошка амбуланта, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Скопје, Куманово и Крива Паланка.

– Во Клиничка болница Штип, нефролошката амбуланта ќе работи три дена во неделата, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Штип, Пробиштип и на Радовиш. Во Заводот за нефрологија-Струга амбулантата ќе работи пет дена во неделата, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Струга, Охрид, Кичево и Дебар.Во  август ќе функционира специјализиран нефролошки пункт во рамки на Здравствен дом-Делчево (ќе работи два дена во неделата), а ќе бидат опфатени пациенти од Берово, Пехчево, Делчево и други околни места – рече Тодоров.

Во септември во Општата болница Струмица, потенцира министерот, два дена во неделата ќе работи нефролошка амбуланта, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Струмица, Гевгелија и Дојран.

– Општа болница Велес ќе има нефролошка амбуланта која ќе работи два дена во неделата, а пациентите ќе бидат испраќани од матичните лекари од регионот на Велес, Кавадрци, Неготино и Свети Николе. Во следните месеци заклучно со ноември нефролошки амбуланти ќе бидат отворени во Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Битола, Општа болница Кочани и  Општа болница Прилеп, со што превентивен преглед ќе може да извршат граѓаните од овие региони – посочи Тодоров.

Република Македонија е фокусирана на трансплантациите на бубрег, нагласи Тодоров, со што практично се намалува бројот на пацинетите што се на дијализа, но, како што нагласи тој, ефектот неможе да биде постигнат ако истовремено не се работи и на намалување на бројот на новите пациенти  на дијализа.

Директорот на клиниката за нефрологија Александар Шиколе истакна дека овие амбуланти се од огромно значење за здравството бидејќи се работи за откривање и лекување на бубрежно оштетување од кое страда 10 отсто од населението во Македонија.

Тој апелираше до сите граѓани на Р.Македонија особено до оние над 50 годишна возраст да ги посетат овие амбуланти, кои ќе функционираат во наредните три месеци на територијата на целата држава.

Министерот Тодоров истакна дека ова е еден од проектите предвидени во програмата на Владата на Р.Македонија, кој се реализира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top