Два значајни патни правци во Велес ќе почнат набргу да се реконструираат, најави премиерот Никола Груевски. Велес – Скопје, пат долг 24 километри, инвестиција од околу 6 милиони евра, ќе почне во втората половина на јули, а ќе заврши за една година.
– Тоа ќе биде целосна реконструкција на автопатот Велес – Скопје откако веќе заврши реконструкцијата на автопатот Скопје – Велес – рече Груевски.
Втората значајна реконструкција во патната инфраструктура е проширување на патот Велес – Кадрифаково, главна спојница со источна Македонија.
– Тоа е многу оптоварен пат затоа што е главен влез за источна Македонија. Неговата прва фаза е завршена, втората е при крај и од август треба да започне третата фаза на потегот меѓу Лозово и Кадрифаково. Оваа реконструкција со одредени проширувања ќе чини околу 15 милиони евра вкупно. Само оваа втора делница заедно со првата се околу 6, а со третата се околу 15 милиони евра – рече Груевски.
Тој нагласи дека ова е значајна инвестиција во патната инфраструктура која ќе ја користи цела Македонија, а посебно ќе значи за жителите на Велес кои секој ден се движат кон Скопје или кон источна Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


