| четврток, 6 декември 2018 |

„Екосфера“ – нова платформа за размена на информации за животната средина

екосфера

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко сфест“ и „Биосфера“ од Битола денеска официјално ја пуштија во употреба единствената електронска платформа „Екосфера“ која ќе помогне во развивање на партнерства меѓу еколошките здруженија и институциите со единствена цел да се следат влијанијата врз животната средина.

„Екосфера“ е нова еколошка платформа која ќе им помогне на еколошките здруженија да учествуваат во размена на информации како со надлежните информации, така и со медиумите и експертите за подобрување на животната средина.

Според заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, еколошката платформа ќе биде добра алатка за граѓанскиот сектор и невладините здруженија за разменување информации, како и за размена на информации на институционална база.

– Посебно ми е драго што ова е еден напреден веб-портал кој е многу софистициран. Програмски е направен онака како што се направени европските и светските портали со содржина за животната средина – истакна Темелковски.

Координаторот на проектот „Екосвест“, Стојан Лешоски, појасни дека покрај веб-сајтот е изработена и апликација за мобилни која, како што рече, ја надополнува еколошката платформа.

– Сакаме на еден едноставен начин организациите да соработуваат со размена на искуства и знаења. Покрај организациите, идејата на овој портал е да ги обедини и институциите на системот, медиумите како и експертите кои работат во сферата на заштита на животната средина – рече Лешоски.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 50 илјади долари, од кои половината се обезбедени од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд ГЕФ, а останатите се учество на „Екосвест“ и „Биосфера“. Проектот е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и од Министерството за информатичко општество и администрација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top