| четврток, 6 декември 2018 |

Додека во ЕУ паѓаат цените, за Македонците нема евтин роаминг

telefon
Македонските граѓани ќе го почекаат влезот на државава во Европската унија за да можат да користат евтин роаминг на единствениот европски пазар. Европската комисија го одби барањето на Македонија да биде вклучена во постоечката европска роаминг регулатива која за граѓаните ќе значи драстично намалување на цените на телефонските услуги кога се наоѓаат во некоја од земјите на ЕУ, пишува Вечер.
– По неколкумесечни разговори од страна на Европската комисија добивме образложение дека во овој момент не може да бидеме вклучени во постојната европска роаминг регулатива која веќе се ближи кон својот крај во 2015 година – вели Владимир Ристевски, советник во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Во исто време Европската комисија има подготвено комплетно нова регулатива за електронски комуникации, таканаречена „Регулатива за единствен европски пазар“, што се чека да биде усвоена од страна на Европскиот парламент. Со неа се очекува целосно да се изедначат цените за роаминг со цените за национален сообраќај.
– Сепак, оваа регулатива се однесува само на земјите што се членки на ЕУ. Затоа, пак, од страна на ЕК добивме препорака со нивна поддршка да се обидеме на регионално ниво да воспоставиме соработка со цел намалување на цените за роаминг услуга. Со Црна Гора и со Србија веќе имаме започнато таков вид дискусија, но за да биде позначајна оваа иницијатива во тек на минатиот месец АЕК испрати писма со покана за таква соработка покрај веќе споменатите држави и до регулаторите на Албанија, Босна и Херцеговина, Турција и Косово. Очекуваме и тие да ја прифатат оваа иницијатива и во текот на наредниве месеци, веќе да имаме заедничка средба на оваа тема – нагласува Ристевски.

Пред да дојде до комплетно укинување на роамингот во рамките на ЕУ, вчера од ЕК најавија дека од први идниот месец, како преодно решение, дополнително за 50 отсто се намалуваат цените на роамингот за корисниците на мобилна телефонија во Европската унија. Така, претплатник на мобилен телефон во ЕУ при посета на друга земја-членка на европскиот блок ќе плаќа максимална цена од 20 евроценти по мегабајт симнат податок од интернет, а не како досега по 45 евроценти. Исто така, максималната доплата за телефонски повик при заминување во друга членка на ЕУ за појдовен повик ќе изнесува 19 евроценти по минута, а не досегашните 24 евроценти, а пак, дојдовните повици ќе се тарифираат по 5 евроценти (досега беше 7 евроценти).

Македонските оператори на мобилна телефонија Т-Мобиле, Вип оператор и ОНЕ се во сопственост на компании од Германија, Австрија и Словенија коишто се дел од заедничкиот европски пазар. Секој од нив има своја партнерска компанија во тие држави или во други земји каде се присутни.
– Цените за роаминг услугите се одредени на комерцијална основа во меѓусебните договори помеѓу операторите. Регулаторот (АЕК), според постоечката легислатива, нема можност директно да ја регулира оваа цена на нашите оператори, а уште помалку на операторите од странство – велат од АЕК.

Граѓаните од Македонија за телефонски повик во некоја од земјите од регионов плаќаат од 60 до 220 денари за минута разговор, а за СМС-порака од 15 до 23 денари во зависност од тоа дали операторот е партнерска компанија или не е, како и од тарифниот модел. Повик од странство, пак, во роаминг чини од 30 до 70 денари за минута разговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top