| четврток, 6 декември 2018 |

Гемијата почнува да плови по Вардар

gemii

Гемијата, со која од денеска ќе се плови по Вардар на Вардарската регата „Гемиџии“ од Велес до Гевгелија, синоќа на дефиле по градските улици беше претставена пред граѓаните на овој град.

Гемијата е направена по примерот на гемиите со кои велешките трговци до пред еден век ја носеле стоката од Велес за Солун – изјави Игор Здравковски од здружението „Гемиџии“.

Новата гемија, тешка еден тон, ја изработи столарот Стево Коневски, кој за оваа работа заедно со Мето Ѓоргиев мина два-три месеци во напорна работа. Гемијата е изградена од чамово дрво, долга е 5,5 метри и широка 2,6 метри.

– Гемијата е изработена по план и идеја на велешанецот Љупчо Данов, кој, истражувајќи по велешките архиви, дошол до фотографии како изгледал овој пловен објект кој првпат бил направен во 1830 година – појасни Здравковски.

По дефилето во Младинскиот парк пред бројната публика беше прикажан и документарниот филм на Општина Велес за пловидбата на велешката гемија.

– Мостот што ги поврзува двата брега на Вардар во Велес се вика „Гемиџии“, спортската сала се вика „Гемиџии“, многу приватни фирми и клубови го носат ова име, најголемата навивачка група се вика „Гемиџии“ има и споменик изграден за нив, но најцврст споменик е тој што тие го изградија во секој од нас – изјави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Во чест на запловувањето на Вардарската регата „Гемиџии“ на крајот на синоќешната програма во амфитеатарот на Младинскиот парк, театарскиот ансамбл на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ пред бројна публика ја изведе комедијата „Бетија“ во режија на Никола Ристов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top