Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и специјализираниот универзитет за изучување на традиционална кинеска медицина „Ченг Ду“ од Пекинг потпишаа договор за соработка и размена на студенти и професори. Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип Саша Митрев рече дека договорот е значаен за универзитетот бидејќи студентите и професорите ќе се обучуваат за традиционалната кинеска медицина. Двајца професори од Медицинскиот факултет веќе беа во Кина на едномесечни обуки.
– Сакаме да го реконструираме делот во бањата Кежовица, кој Владата ни го додели неодамна, а каде што предвидуваме да се направи еден оддел со традиционална кинеска медицина. Секако, ова е нешто ново за нас и ни е потребна помош, изјави Митрев.
Универзитетот „Ченг Ду“ се простира на 120 хектари со 22 илјади студенти, 2000 доктори на науки кои предаваат на 16 факултети по 31 наставно-научни програми. Тој е на врвот од листата на висококвалитетни кинески специјализирани универзитети од областа на медицината, особено традиционалната.
Ма Јуеронг, проф. на Универзитет „Ченг Ду“ во Пекинг, истакна дека потпишувањето на договорот е значен за двете страни.
– Ќе дојдат тимови од шест различни области од традиционалната медицина што се изучува на нашиот универзитет. Длабоко сум убеден дека ова е прв, но и убав чекор во натамошната тесна соработка на наставно-научно ниво помеѓу двата универзитета, рече Јуеронг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


