Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, оствари средба со Делегација на Парламентот на Обединетото Кралство, Велика Британија и Северна Ирска составена од пратениците Карен Ламли, Стјуард Ендру, Клајв Бетс и Џема Дојл кои се членови на Групата за соработка со Република Македонија, како и амбасадорот Н.Е. Чарлс Едмунд Гарет.
Соговорниците изразија задоволство од средбата, при што беше констатирано дека оваа посета претставува уште една потврда за добрите односи и искреното пријателство помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство како и желба за понатамошна соработка и поддршка.
Претседателот Вељаноски ја истакна досегашната одлична соработка и реализираните средби со официјални претставници од Обединетото Кралство. Притоа беше изразено задоволство од успешно реализираниот проект на Вестминстер фондацијата за демократија за „Зајакнување на парлалментот и демократијата”.
На средбата стана збор за темите кои се од исклучителна важност за Република Македонија, членството во НАТО алијансата и интеграцијата во Европската унија. Претседателот Вељаноски истакна дека постои сериозна подготвеност од страна на Република Македонија за побрзо членство и интеграција, особено поради тоа што истите би резултирале со поголем економски просперитет на државата и подобра општествена состојба на граѓаните. Исто така, претседателот Вељаноски изрази дека очекува и се надева на поддршка од страна на Обединетото Кралство имајќи го во предвид НАТО самитот кој ќе се оддржи во Велс во септември 2014 година.
На средбата стана збор за моменталното отсуство на опозицијата од Собранието, при што претседателот Вељаноски изрази волја за надминување на сите спорни прашања и искрена желба за нивно активно учество во работата на Собранието.
Карен Ламли како претседавач на Групата за соработка со Македонија на Обединетото Кралство, Велика Британија и Северна Ирска изрази дека Република Македонија останува да биде високо на нивната агенда. Притоа беше искажано задоволство поради учеството на македонски армиски трупи во мировните опрации во Авганистан.
На средбата исто така стана збор и за фокусот и посветеноста кон економскиот развој на Република Македонија како и за подготвеноста и желбата за побрзо решавање наспорот за името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.