| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓувеч со бамји

Кога ќе се спомене бамјата, прва асоцијација е турлитавата, бидејки без овој зеленчук не може да се замисли тоа традиционално македонско јадење.

Бамјата потекнува од Африка, а на нашите простори ја донеле Турците. Кај нив пак стасала преку Арапскиот полуосторв. Најчесто се користи во либанската кујна, а кај нас, освен во турлитавата, се подготвува и како посна манџа, но и со месо, најчесто јагнешко, но може и со свинско или телешко.  Освен во македонската, се користи и во босанската кујна.

Карактеристична е за овој период од годината, кога најчесто ја има на пазарите. Може да се купи во поголеми количини и да се замрзне, па да се готви преку зима.

За гурманите кои уживаат во храната, бамјата, ако е свежа и добро подготвена, му дава посебен вкус на јадењето. За многумина е деликатес, посебно поради необичниот вкус и мирис. Карактеристичниот мирис и вкус доаѓаат од слузните материи и етеричните масла. Поради високиот процент на целулоза, пектин, смирувачки делува на органите на варење. Им се препорачува на луѓето кои имаат проблеми со гастритис, чир, воспаление на цревата. Го поттикнува остранувањето на токсините на телото, а има и афродизијачко својство.

Кога се чисти се острануваат непотребите делови, дршката и врвот. Врвот малку се засекува, на косо. Кога се остранува дршката треба да се внимава да не се оштети мешунката, бидејќи може да истече слузот, кој му дава вкус на јадењето, а и го згуснува.

 

 

Состојки

 

200 грама бамји

600 грама јагнешко месо

300 грама кромид

Масло

Лук

Црн пипер

Црвен пипер

 

Подготовка

Бамјите се прелеваат со врела вода и се оставаат 10 минути да отстојат. За тоа време се чисти кромидот, се сече и се пржи во масло за јадење. Потоа се додава месото исечено на поголеми парчиња и заедно се динстаат, односно се пржат додека месото не омекне. Потоа се додаваат исцедените бамји, истолчениот лук, црн-пипер, црвен пипер, сол и сето тоа заедно се динста уште половина час. Додека јадењето се вари, по потреба му се додава вода.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top