Од почетокот на наредниот месец, јули, па до крајот на годинава, на трансакциските сметки на 300.000 работници, вработени во приватните компании, ќе треба да им легне регресот за годишен одмор или популарно наречениот K-15 во износ од околу 8.500 денари, еднаш во годината. На фирмите им останува уште една недела пред почетокот на обврската за исплата на регресот.
Некои од работниците, главно, вработени во побогати компании, веќе го добија надоместот, со оглед на тоа дека сезоната на годишни одмори почнува од јуни, и тоа во поголем износ од утврдениот минимален. Kако што се договорија на крајот на минатата година, Организацијата на работодавци и Сојузот на синдикатите на Македонија, износот треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата во земјава. Ова е минимален износ, а дадено е правото работодавците да исплатат и поголем износ, ако тоа го дозволува финансиската кондиција на компанијата. Ова право се вгради во последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои стапија во сила од 1 јануари годинава, а имаат важност од две години. Во согласност со нив, надомест ќе може да земат само тие лица што работат кај ист работодавец најмалку 6 месеци во една календарска година.
Доколку фирмата на вработениот не му исплати околу 8.500 денари, ќе плати казна од 1.000 до 4.000 евра по работник, а ако и после плаќањето на казната, газдата на фирмата продолжи да ја игнорира оваа задолжителна законска обврска, вработениот може да го тужи, по што тужениот ќе мора да ги плати сите судски трошоци, плус сумата предвидена за К-15.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, очекуваат најмногу фирми, регресот за годишен одмор да го исплатат по завршување на годишните одмори, или некаде по септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



