| четврток, 6 декември 2018 |

Оглас за 35 јавни функционери

собрание

Собранието на Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска распишаа оглас за ангажирање компетентни и високо мотивирани кандидати за повеќе јавни функции кои се во нивна надлежност. Повикот се однесува за 35 јавни функции, најмногу за претседатели и членови на Управни одбори во агенции и членови на комисии. Краен рок за поднесување на пријавите е 20 јули.
Се бара лице за претседател и двајца членови на УО на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, потоа пет кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТВ, еден член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, двајца за членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, по еден кандидат за членови на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации и на Комисијата за решавање жалби од областа на енергетиката. За тие функции именувањето ќе биде веднаш по изборот.
Функции што се веќе огласени, а за кои именувањето ќе биде по истекот на мандатот на актуелните кадри, се претседател и двајца членови на Управен одбор во Агенцијата за цивило воздухопловство, седум членови на Државната комисија за спречување на корупцијата и еден член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.

Ќе се избира и директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, двајца членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, како и претседател, заменик-претседател, член и заменик-член на Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката, претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование и да ги исполнуваат законските услови за соодветната функција. Можност за пријавување имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во државава и во странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top