| четврток, 6 декември 2018 |

ДУИ со ПЕИ во коалиција во Струга и Маврово – Ростуше

bo-639x426
– Склучивме соработка за локалните избори со партијата Нова Демократија на Кастриот Хаџиреџа, со тоа што членови од таа партија ќе бидат вклучени во листите на ДУИ во одредени општини. Коалиција е постигната и со ПЕИ на Фиат Цановски и тоа за соработка во Струга, каде што ПЕИ го поддржува кандидатот на ДУИ, а ние нивниот кандидат во Маврово – Ростуше- информираше денеска портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.  Интегративците ја одбиле понудата на ДПА за заеднички советнички листи во оние места каде што Албанците се под 50 проценти со цел да се издејтвуваат повеќе советнички места, соопшти Османи.

Тој потенцира дека ДУИ воспоставиле принцип за овие локални избори за кандидатите кои ќе учествуваат на изборите да дадат оставки на своите актуелни функции за да бидат рамноправни во трката за барање на довербата на граѓаните, во насока на остварување на, како што рече, децентрализацијата и територијалната поделба, прашања што се на врвот на приоритетите на ДУИ во последните 10 години.

– Не се успеа во тоа да се постигне меѓупартиски политички консензус, тоа да стане законска обврска сите кандидати да дадат оставка од своите актуелни позиции за да можат рамноправно да се натпреваруваат на локалните и на кои било други избори- рече Османи, додавајќи оти тоа на некој начин било и барање од меѓународната заедница и од ОБСЕ/ОДИХР да стане законска обврска.

Пратеничкиот мандат денеска не го прифати Хисен Џемаили, кој е носител на советничката листа за општина Тетово, од ДУИ, а кандидатот за градоначалник на Дебар, Ружди Лата поднесе оставка од позицијата муфтија на Дебар, информираше Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top