| четврток, 6 декември 2018 |

Песков: Русија презема мерки за зајакнување на заштитата на руската граница

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, изјавил дека Москва е изненадена од изјавите дека земјата трупа воени сили на границата со Украина.

ruska-vojska

Песков објаснил дека рускиот претседател пред неколку недели наредил да се зајакне безбедноста на руско – украинската граница.

– Изненадени сме од тврдењата за концентрирање на руски воени сили на украинската граница. Во оваа ситуација не станува збор за концентрирање на воени сили, тики спроведување мерки со кои би се зајакнала заштитата на руската граница – навел Песков, истакнувајќи дека овие мерки се спроведени под директен налог на претседателот Путин.

Напоменувајќи дека оваа наредба е издадена пред неколку недели бидејќи во тој регион имало „поголем број инциденти” и повреда на границата, Песков истакнал дека европските лидери ја одобриле ваквата одлука, наведува „Русија денес”.

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, изјавил во четвртокот дека руските сили повторно трупаат војници на источната граница со Украина, за што рече дека претставува разочарувачки чекор назад.

Тој нагласи дека ваквиот потег на Русија би значел воведување на нови економски санкции кои ќе бидат од пошироки размери и ќе имаат многу штетно влијание врз Русија.

Во меѓувреме руската армија започна воени вежби на Сибир и Урал со цел да ја утврди подготвеноста на војската, истакнале руските воени претставници.

„Моторизираните единици и единиците за противвоздушна одбрана се стационирани на Урал и на западен Сибир и истите се поставени во состојба на приправност”, истакнал Јарослав Рошчупкин, воен функционер задолжен за централниот воен дистрикт, јавија агенциите.

Тој додал дека единиците се упатиле кон полигоните кои се оддалечени повеќе километри од касарните, не наведувајќи притоа за кои полигони станува збор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top