| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската револуционерна организација (1893-1903)

Историјата на македонскиот народ претставува историја на еден балкански народ, кој во периодот на XIX век ги почнал процесите на своја еманципација и национално изградување. Овие појави воделе кон процес на негово самодефинирање, изведено како резултат на одделувањето на својата посебност во однос на другите блиски словенски народи: бугарскиот и српскиот, до отпор против Патријаршијата како единствена призната христијанска црква во Османлиската Империја (до 1870 година), која од XIX престанала да функционира како Вселенска (сехристијанска) и сѐ повеќе личела на грчка национална институција

Istorija93-1

ПОЈАВА И РАЗВОЈ

Сите овие процеси се одвивале во периодот на македонската преродба и во рамките на националноослободителното и револуционерно движење предводено од Македонската револуционерна организација (МРО). Појавата на историската сцена на МРО го означила почетокот на новата, поразвиена фаза на развојот на националното конституирање на македонскиот народ. Политичката автономија, кон која се стремела МРО, несомнено водело кон национално оформување на Македонците, кои во тој период биле сметани за „Грци“, односно „Бугари“, врз основа на нивната црковна припадност. Ваквиот развој на настаните предизвикале жестоки реакции на соседните државно црковно-училишни пропаганди, кои дотогаш се сметале како единствени репрезенти на македонското население.

Континуираниот развој на македонското револуционерно дело, со сите свои позитивни и негативни амплитуди, може да се проучува и толкува само како жив организам, подложен на надворешни и на внатрешни влијанија. Во политичката платформа на МРО, балканските претенденти за територијата и на населението на Македонија препознале опасност обидувајќи се на секој начин да ја контролираат, деградираат или уништат. Со таквиот нивни однос, само ја засилиле решеноста и решителноста на голем број членови на организацијата да издржат во целта што ја имале поставено. Од друга страна, тешките услови во периодот на нејзиното создавање ја принудиле на приспособувања, но и на отстапки, кои биле вешто користени од соседните големодржавни пропаганди во обидите за нејзино разнебитување. Македонската ослободителна организација во својот развоен пат поминала низ одделни фази, при што се евидентни нагорнини и стагнации, успеси и опаѓања, како и жилаво опстојување на историските ветромети . Во развојниот пат на МРО во предилинденскиот период (1893-1903), историчарот Димитар Димески констатирал три фази. Првата го опфаќала периодот од формирањето на организацијата до 1896 година, втората од 1896 до 1902 година, додека последната – трета фаза од 1902 до 1903 година.

Во првата фаза, покрај усвојувањето на основните начела со кои биле поставени основите на револуционерното движење, таа се соочило со сериозни тешкотии во ширењето на делото меѓу македонското население. На терен условите биле крајно неповолни за масовно промовирање на идејата за ослободување на Македонија преку револуционерна борба. Внимателноста и строгата конспиративност се должела на опасностите од османлиската власт, но и од црковно-училишните пропаганди, особено патријаршиската и егзархиската, под чијашто јурисдикција се наоѓало речиси целото христијанско население. Во овој период, навлегување на организација во патријаршиските средини било отежнато, а од друга страна, кај Македонците-егзархисти постоел отпор, но не од самото население, туку од егзархијата како институција на бугарската пропаганда во Македонија. Затоа со право историчарот Крсте Битовски констатира: „Егзархијата со речиси целиот свој бројчен апарат беше категорички против организирањето на каква и да е асоцијација или акција, која би била надвор од нејзината контрола и особено беше против секаква револуционерна иницијатива“. Како и да е, одреден дел од пониските чиновници во црковно-образовните институции на егзархијата во Македонија, се мисли пред сè на дел од учителскиот кадар, биле носители на револуционерната идеја или поддржувачи на МРО. Овие дејци биле основата и главниот пренесувач на идејата кај дел од Македонците за ослободување на својата татковина преку вооружена борба.

Istorija93-2

Појавувањето на Гоце Делчев, Пере Тошев и Ѓорче Петров на историската сцена во македонското ослободително движење значело и негово приближување кон широките народни маси во македонските села

Во секој случај, во почетната фаза од развојот на МРО се појавила опасност од застранување од основните цели, како и можност од пасивизирање на делото. Разните погледи за идните активности, но и немањето претстава за организирање на терен на револуционерното движење на најголем дел од членовите на ЦК, претставувале сериозни пречки, кои морале да се надминат. Се чувствувала потре­ба од свежи кадри, со нови идеи и енту­­зијазам, сили што ќе го поведат движењето во идните предизвици и ќе му ја дадат неговата вистинска физиономија. Пресвртот настанал со вклучувањето во организацијата на Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и др., личности, кои, според академик Манол Пандевски, „дури и повеќе одошто на некои иницијатори, им прилега епитетот на основоположници“. Нивното појавување на историската сцена во македонското ослободително движење значело и негово приближување кон широките народни маси во македонските села. Најзаслужен за тоа бил Г. Делчев, кој постојано бил во движење и агитација меѓу македонското селанство. Подоцнежниот историски развој на револуционерното движење покажа дека токму оваа категорија од македонското население ќе ја игра една од клучните улоги во националноослободителните процеси во Македонија.

Со создавањето на Врховниот македонски комитет (ВМК) во Бугарија се појавил уште еден фактор во македонското револуционерно движење. Историјата покажа дека дејноста на ВМК предизвикалa штетни последици по функционирањето на МРО. Врховниот комитет бил создаден кон крајот на 1894 година и почетокот на 1895 година, обединувајќи ги постепено мноштвото македонски емигрантски друштва во Бугарија. Македонската револуционерна организација во многубројната македонска емиграција во Бугарија ја гледала можност за финансиска и морална помош. Но оваа легална организација (ВМК), многу брзо по нејзиното создавање била изманипулирана, а подоцна и целосно ставена под контрола на бугарската држава. Новата политика на официјална Софија кон македонското прашање набрзо била презентирана на терен преку параваоениот упад во Македонија од 1895 година или во историјата познат како Мелничка востаничка провокација.

Потребата од наоѓање нови форми на дејствување, приспособување кон состојбите на теренот, како и натамошно изградување на организациските структури, претставувале повод за оддржување на Солунскиот конгрес на МРО во 1896 година. Овој настан, според „карактерот на донесените решенија и завршената работа, … со право може да се нарече основачки конгрес на организацијата“. Ваквиот став во своите спомени го изнел и Ѓ. Петров, кој констатирал дека: „тоа собрание (се мисли на конгресот, б.н.), така да се рече, беше основачко“. Додека, според најголем дел од современите историчари, се смета дека конгресот претставувал пресвртница во развојот на македонското револуционерно движење. Воедно, со овој настан почнала и втората фаза од развојниот пат на МРО во предилинденскиот период. На неколкудневните средби се дискутирало за клучни прашања, за кои биле донесени конкретни решенија. Разгледани биле врските и односите на МРО и ВМК, при што се решило дека: „организацијата… ќе биде самостојна и независна од надворешни влијанија… [и] ќе се инспирира исклучително од интересите на Македонија и на нејзиното обесправено население“. Решено било да се донесат нов Устав и правилник, како основни документи врз кои ќе се базирала идната дејност на движењето. Тие биле напишани во 1897 година од страна на Ѓ. Петров и на Г. Делчев, по нивното заминување во Софија како Задргранични претставници (ЗП), одлука, која, исто така, била донесена на конгресот. На овој конгрес било решено новото име на организацијата да биде: Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Меѓутоа таа најчесто неофицијално се нарекувала Внатрешна, со што се правела дистинкција од „Надворешната“, т.е. ВМК во Софија. Спроведена била реорганизација на територијата на Македонија на окрузи, додека секој округ бил составен од неколку околии. Во своите спомени Ѓ. Петров забележал: „Доколку ми иде на ум, окрузите беа, прв солунски, втор битолски, но со право така што град Прилеп да може и направо да општи со ЦК, скопскиот – друг округ, потоа имаше штипски, округ Струмица и Џумаја (а не Сер)… Еден округ Велес и Штип со право да општи директно со ЦК. Одрин го примивме за округ“. Највисоко раководно тело и понатаму останало ЦК, со кого директно можеле да комуницираат окружните комитети, додека преку последните, индиректно, со ЦК можеле да комуницираат и околиските комитети. Изработени биле тајни шифри за кореспонденција и псевдоними за лични и географски имиња.

(продолжува)

 

(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top