Македонската јавност навикна место изворно, по средбите на лидерот на социјалдемократите во странство да се информира преку партиски соопштенија од централата на поранешна Бихаќка. Ако некој на шега вели дека Зоран Заев добил партиска забрана за јавни настапи, тоа не го спречи на Духови да се изјасни за случајот „Глобал“. Во дневните преписки со ВМРО-ДПМНЕ, тој го посочи „Глобал“, како и интересот на медиумите за случајот, како директна причина зошто новата парламентарна група на опозицијата треба да бојкотира.
Третманот во медиумите, според него, е крунскиот доказ за потребата од бојкот.
– Затоа не треба никому да му биде чудно зaтоа што е недозволиво повторно опозицијата да попушти во своите ставови за непризнавање на изборниот процес и неприфаќање на пратеничките мандати – порача Заев од градончалничката фотелја.
– Поради овој предмет, „Глобал“ и денационализацијата на земјиштето на кое е изграден „Глобал“, шест години Груевски, власта и медиумите блиски на власта не ме симнаа подолу од аболициран, криминалец и што ли уште не – посочува Заев на прес-конференција.
Но, Заев не сака да признае дека за лидер на политичка партија, уште и партија што претендира да биде главна опозиција – односно што претендира да води држава – подолу и нема. Сериозен политичар со лидерски капацитет немаше да избегне процес, и тоа преку помилување од својот ментор, без да се влезе во правна борба на докажување на фактите. Сега Заев очекува јавноста да не го зема предвид факторот „кукавичлак“, фактите и доказите на институциите, туку да верува само на неговите изјави базирани на „жими мајка“ за невиност. И дека тоа е доволен доказ зошто пратениците не треба да се вратат во парламентот додека тој си ја управува Струмица.
Но, неговиот крут став да се негира сѐ, освен наумениот или препишан отпор, ја покажува само неговата немоќ да се соочи со притисокот од состојбата пред која ги донесе сопартијците. Истовремено, еден од творците на партиската изборна програма, која е причината за катастрофалниот пораз, Кире Наумов, бара конкретна акција. Вели дека не смее да има преговори и договори со режимот, или „првиот чекор на искрената опозиција е да не седне во пратеничките клупи“.
Што била целта на Заев и до каде досегале неговите ветувања за да се освои некаква поддршка од меѓународната заедница се гледа и од ставот на Солза Грчева, една од новоизбраните парламентарни членови на отпорот. Таа преку социјалните мрежи на ставот на Наумов пишува: „Комплетен бојкот на сите институции. Да излезат сите советници, градоначалници, претседателот на ДИК, од сите тела каде што се дојдени по политички пат (радиодифузија, комисија за лустрација…). Само комплетен бојкот ќе има ефект да се блокира државата“.
Всушност, на виделина излегуваат и ветувањата на Заев дека ќе добијат помош и притисок од меѓународната заедница во бојкотот што би требало да доведе до бараната техничка влада и нови избори, но и фрустрациите на новопечените пратеници во отпорот од времето што минува, додека тие ни ваму – ни таму го следат лидерот, кој сѐ уште го држи градоначалничкото место.
Времето минува, а помошта ја нема. Нема ниту признание од водството дека, всушност, изјавата на Заев дека СДСМ, секако, ќе ги загубеше изборите, е аргумент повеќе за странците дека отпорот е беспредметен.
Жешките костени за Шекеринска
Нема помош во создавањето услови во кои врвот на СДСМ ќе треба пред членството да рече „пу-пу не важи, се враќаме назад“. Всушност, целиот товар по средбите со странците паѓа на Радмила Шекеринска. Како некогашен државен функционер од областа на вградување на западноевропското право, интеграциите, па и поради нејзиното поголемо меѓународно искуство, тие од неа сега очекуваат да знае колку е важно да се влезе во процесот на зацврстување на институциите и на демократскиот капацитет. Таа сега треба да ја смири топката и да успее без поголеми внатрепартиски турбуленции да создаде расположение, но и да „види услови“ за да ги врати пратениците во парламентот.
На Шекеринска воопшто нема да ѝ биде лесно да ги објасни фактите што ги нагласуваат Брисел, европските социјалдемократи, амбасадорите во Македонија. Пред двоецот на СДСМ биле предочувани и фактите дека самите си го креираа Изборниот законик (и врвното достигнување – обележаните нокти), но и главниот аргумент – признанието на Заев во постизборно интервју дека СДСМ, секако, ќе ги загубеше изборите. Особено Шекеринска ќе се испоти да им го објасни тоа на сите што мораа да потпишуваат нотарски изјави, изманипулирани со најавите од Заев дека тој е следниот премиер и дека сѐ уште живее идејата за техничка влада.
По „бегството“ на врвот на СДСМ од јавноста пред седиштето на Европската комисија, од кабинетот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе беше упатено соопштение во кое се вели дека новата влада треба да преземе мерки за укажувањата од ОБСЕ/ ОДИХР. Самото нагласување „новата влада“, значи дека барањето за техничка влада, барање од кое СДСМ не се откажува – е неосновано, неприфатливо и неразумно. Нема ниту збор за поддршка и разбирање, туку директно укажување до нив за враќање во парламентот како начин да ги искажат своите забелешки и да придонесат во потребните реформи.
За ефектот од средбите во Брисел и со амбасадорите било запознаено само раководството на партијата, но не и членството, велат извори од партијата. Се додава дека додека Заев води војна, Шекеринска сериозно се размислува да ги послуша советите од меѓународната. Барањето на апанажа од Собранието, се толкува како лично неогласување со непризнавањето на Парламентот. И како прв чекор кон лобирањето за враќање во него. На неа е сега да ја смири топката и без поголеми внатрепартиски турбуленции да „види услови“ за враќање на СДСМ и на опозицијата во Парламентот.
Пуста желба
Отпорот и бојкотот на парламентарците на опозицијата му се својствен амбиент на Заев. На прес-конференцијата за „Глобал“, тој изјави:
Опозицијата еднаш се врати во парламентот, напуштајќи го поради Зоран Заев и неговото притворање….
Навиката тешко се менува. Сега, тој не ги дослушува повиците на новоизбраните, кои ја имаа честа да се фотографираат со него пред портите на парламентот, за „солидарно“ да се повлече од струмичката власт. Не ги дослушува ниту пораките што сѐ погласно и поотворено доаѓаат од сите страни за враќање во институциите. Згора на сѐ, Заев поставува дополнителни услови, да бидат „рамноправен одговорен партнер“.
– Сега бараме да бидеме рамноправен одговорен партнер, со сите највлијателни политички фактори, во гаранцијата на слободно изразување на волјата на граѓаните – бара Заев.
За волја на вистината, СДСМ ја имаше позицијата „рамноправно одговорен партнер“ кога се изработуваше Изборниот законик. Истиот тој што сега меѓународната заедница им го трие над глава. За да се биде, пак, рамноправен „со сите највлијателни политички фактори“ треба да се освојат гласови. Во слободно изразена волја на граѓаните. На избори, во натпревар на идеи и на програми. Да се согледаат вистинските состојби во државата и да се препознаат потребите на гласачите. Доколку, пак, секако, граѓаните повторно му поверуваат и го дадат гласот за СДСМ додека го раководи Заев.
Свесно или не, тоа што го предизвикува Заев со своите настапи и реакции поради инаетење, ја втурнува некогаш влијателната македонска партија во „вештачка долготрајна кома“ од која, потоа, тешко дека партијата ќе се остане без трајни последици. Нејсе, за последиците на СДСМ од Заев нека му ја мисли членството. Но, прашање е кој ќе биде одговорен за последиците што од неговите чекори (ќе) ги трпи целата држава. Дали власта – која треба да ја негира целата демократска логика и да тргне спротивно на јасно изразената волја на граѓаните? Или СДСМ и членство, кои сѐ уште го следат инаетот на лидерот? Последиците се наѕираат. А, по нив…
(Пишува: Наум Стоилковски | Фото: Република
Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.